• вторник, 24 декември 2024

ОЈО Куманово: На сила се мерките за претпазливост за странскиот државјанин кој учествуваше во сообраќајката кај Табановце

ОЈО Куманово: На сила се мерките за претпазливост за странскиот државјанин кој учествуваше во сообраќајката кај Табановце

Куманово, 26 јануари 2024 (МИА) - Основното јавно обвинителство Куманово информира дека мерките на претпазливост определени на странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа кај Табановце се уште се на сила, соопшти денеска Обвинителството. 

- Согласно информациите кои ги има Обвинителството до овој момент,  тој не ја напуштил државата и утрово се јавил во Судот, како што му е определено. Резултатите од наредените вештачења неопходни за да се расчистат причините за сообраќајната несреќа се уште не се пристигнати до Обвинителството, велат од ЈОРСМ.

На 22 јануари кумановското Обвинителство определи мерка на претпазливост и привремено му го одзеде пасошот и други документи на странскиот државјанин кој учествуваше во тешката сообраќајна несреќа, во која загина 49-годишна кумановка пред граничниот премин Табановце. Тогаш, по предлог на  Обвинителство - Куманово   му беа определени мерки на претпазливост – привремено одземање на патна и друга исправа (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државната граница и обврска да се јавува во судот, соопшти тогаш Обвинителство.

Претходно СВР Куманово информираше дека во сообраќајната несреќа што се случи на 20 јануари на автопатот Куманово-Табановце на два километри пред граничниот премин, околу 20:00 часот, учествувале три автомобили, од кои едниот со српски национални ознаки.

-Во сообраќајката учествувале патничко возило „фолксваген поло“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(24) од Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, управувано од В.П.(45) од Куманово и патничко возило „опел инсигниа“ со српски национални ознаки, управувано од Ѓ.Н.(59) од Република Србија. Во несреќата, од здобиените повреди починала Љ.Т.(49) од Куманово, сопатничка во возилото „поло“, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Куманово, информираше полицијата.

Со тешки телесни повреди се здобиле В.П. и Б. Т, а со телесни повреди се здобил Ѓ.Н., констатирани во Болницата во Куманово. Дел од српските медиуми пренесоа информација дека во несреќата учествувал српскиот музичар Ѓорѓе Давид. 

Од Обвинителството извршија увид и според нивните првични сознанија, прво настанал судир меѓу автомобилите со македонски национални ознаки, бидејќи едно од возилата влегло на автопат во недозволена насока. Откако жената излегла од автомобилот во неа налетало возилото со српски ознаки. Од здобиените повреди, кумановката починала.

-Според првичните сознанија, иницијалниот судар меѓу два автомобили, „Фолксваген поло“ со кумановски и „Фолксваген голф“ со скопски регистарски таблици, бил предизвикан кога најверојатно возачот на еден од автомобилите влегол на автопат во недозволена насока. По тој првичен судар, патничката од кумановското возило излегла од автомобилот и во тој момент на неа налетал автомобил „Опел инсигниа“ со српски регистарски таблици. Од ударот жената се здобила со тешки повреди од кои починала, информираше вчера Обвинителството.

Обвинителството издаде наредба за обдукција на починатата и за испитување на примероци од крв и урина на другите учесници кои беа хоспитализирани со полесни повреди. Прибрани биле и траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење со цел прецизно да се утврдат причините за сообраќајната несреќа. ам/мд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан