• сабота, 23 ноември 2024

Оформен предмет и назначен обвинител за „бомбите“ на Боки 13

Оформен предмет и назначен обвинител за „бомбите“ на Боки 13

Скопје, 24 февруари 2023 (МИА) – Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) Ислам Абази оформил предмет, кој веќе е распределен кај јавен обвинител, за да го сослуша и да ги види материјалните докази што ги поседува Бојан Јовановски-Боки 13.

Претходно, Јовановски, кој е во затворот во „Идризово“, каде ја издржува деветгодишната затворска казна за случајот „Рекет“, објави дека му испратил писмо на шефот на ОЈО ГОКК Абази со кое бара прием за да му достави, како што вели,  „бомби“ и докази за криминал во највисоките државни структури.

- Согласно член 25 од Законот за јавното обвинителство основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и останатите јавни обвинители кои раководат со соодветните обвинителства „ги претставуваат јавните обвинителства, раководат со нивната работа, ги вршат правата и обврските определени со закон и донесуваат годишен распоред за работа на почетокот на секоја календарска година“. Кривичното гонење и понатамошното постапување во предметите го извршуваат избраните или упатените јавните обвинители во ова јавно обвинителство. Согласно ова, Основниот јавен обвинител постапувајќи по дописот оформи предмет кој веќе е распределен на постапување кај јавен обвинител кој е задолжен да го сослуша осуденото лице и врз основа на исказот и материјалните докази што осуденикот ги поседува да му реферира на основниот јавен обвинител и да донесе одлука за понатамошно постапување, се вели во соопштението од ОЈО ГОКК. 

Обвинителството ги охрабрува сите кои имаат сознанија и поседуваат докази за сторени кривични дела да ги пријават во обвинителствата согласно нивните надлежности.​ аа/бак/

 

Остани поврзан