• среда, 01 јануари 2025

ОЈО ГОКК донесе наредба за распишување потерница и предложи притвор за Васко Ковачевски

ОЈО ГОКК донесе наредба за распишување потерница и предложи притвор за Васко Ковачевски

Скопје, 30 декември 2024 (МИА) - Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и определи мерка притвор во траење од осум дена за поранешниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски, кој е недостапен за органите на прогонот, а е осомничен за проневера на 6,5 милиони евра. Применувајќи ги одредбите од Законот за кривична постапка, предметните јавни обвинители до МВР, како што информираат од ЈОРСМ, доставиле и наредба за распишување на национална потерница и изјава за распишување на меѓународна потерница по осомниченото лице.

Од Обвинителство, посочуваат дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) денеска го примило Решението на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со кое предлогот за определување мерки за претпазливост против осомничен во предметот „Адитив“ се отфрла, наведувајќи дека осомничениот не е достапен на органите на прогонот.

-Согласно своите законски надлежности, јавните обвинители кои постапуваат во предметот до судијата на претходна постапка веднаш доставија Жалба по однос на донесеното Решение за отфрлање, како и Предлог за определување на мерка притвор за осомничениот која мерка ќе биде активна по неговото пронаоѓање. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот на Обвинителството и на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 8 дена, стои во соопштението од ЈОРСМ.

Истрагата за предметот „Адитив“ започна на 10 овој месец и со него се опфатени 23 физички лица и четири правни лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството и кривични дела против службената должност и против правниот сообраќај. аа/мд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан