Охрид достоинствено ќе го одбележи Денот на светите браќа Кирил и Методиј
- Со низа манифестации и настани градот и Општина Охрид ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Охрид, 22 мај 2024 (МИА) – Со низа манифестации и настани градот и Општина Охрид ќе го одбележи Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Чествувањата почнуват вечерва во 19 часот со одбележување на патрониот празник на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ во НУ Центарот за култура „Григор Прличев“. За утре од 18:45 часот во УИНТ „Св. Апостол Павле“ е предвидено отворање на изложба на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“ во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка. На истата локација од 19 часот ќе се одржи проекцијата на филмот „Тајниот код на Константин“.
Централната свеченост е предвидена за в петок, 24 мај. Во 10 часот ќе биде положено цвеќе пред монументалниот споменик на „Св. Кирил и Методиј“, по што ќе бидат доделена наградите на најдобрите ученици од општинските основни и средни училишта кои постигнале значајни резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари. Манифестацијата ќе се одржи пред споменикот на Светите Кирил и Методиј во Градскиот парк во центарот на градот.
Во Домот на култура „Свети Кирил и Методиј“ во населбата „Кошишта“, со почеток во 10:30 часот ќе се одржи Панихида и фолклорен концерт во чест на Св. Кирил и Методиј.
По повод празникот на УИНТ „Свети Апостол Павле“ во 16 часот ќе биде промовиран „Споменикот на иднината“, проект во реализација на Сефиданис истражување и развој од Охрид, поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој.
Од 19 часот во црквата „Св. Софија“ ќе се одржи концертот „Уметниците во чест на Свети Кирил и Методиј“ на растечката генерација музичари од класата на м-р Даниел Чуркоски, Елица Рашкова и Викторија Митеска Малезан. Предвидена е и беседа за свети Кирил и Методиј на проф. д-р Красимира Илиевска.
Чествувањата ќе завршат на истата локација, во црквата „Св. Софија“ од 20 часот со проекцијата на документарниот филм „Кирилицата – Кодот на Македонија“ од проф. д-р Илија Велев. аб/аа/
фото/МИА