Охридскиот Црвен крст почнува со пролетниот циклус од едукативната програма „Полетарче“
- Општинската организација на Црвениот крст од Охрид почнува со уписи за пролетниот циклус на програмата „Полетарче“.
Охрид, 28 јануари 2026 (МИА) – Општинската организација на Црвениот крст од Охрид почнува со уписи за пролетниот циклус на програмата „Полетарче“.
Станува збор за едукативна програма преку кој деца на возраст од три до пет години преку игра, забава и дружење ќе ја развиваат и јакнат самодовербата, ќе стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училишните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго.
Како што посочуваат од Црвениот крст, вежбите се приспособени на возраста на детето и преку нив детето станува свесно за своите способности, се поддржува да не се откажува при правењето грешки и да има храброст да биде креативно. Планирани се и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат со многу корисни спортски содржини, со училишното опкружување и снаоѓање во сообраќајот...
Пролетниот циклус од програмата трае три месеци со изведување на вкупно 12 часови, по еден час седмично во траење од 45 минути.
Сите заинтересирани можат да се информираат и пријават преку телефон, емаил или во просториите на Црвен крст - Охрид, започнувајќи од денеска. Подетални информации заинтересираните ќе можат да добијат на Отворениот ден за програмата „Полетарче“ што ќе се одржу на 31 овој месец во просториите на Црвен крст Охрид. аб/са/
Фото: плакат