• вторник, 24 декември 2024

Откриена најголемата бактерија на светот, може да се види и со голо око

Откриена најголемата бактерија на светот, може да се види и со голо око
Беркли, 24 јуни 2022 (МИА) - Научниците ја открија најголемата бактерија во светот што може да се види и со голо око. Таа е најдена во карипско мочуриште на архипелагот Гвадалупе каде што расте мангрова дрво, објави денеска во списанието „Сајенс“ (Science). 3а илустрација, истражувачите ја споредуваат со паричка со просечна големина. https://www.youtube.com/watch?v=x3rT_LJt9DY - Издолжената бела бактерија (со филаментозен облик) е голема колку човечка трепка, што ја прави најголемата бактерија позната досега, истакна Жан-Мари Волан, морски биолог од Националната лабораторија „Лоренс Беркли“ во САД и еден од авторите на трудот. Оливие Грос, биолог на Универзитетот на француска Западна Индија и Гвајана, во 2009 година го пронашол првиот примерок на оваа бактерија, чие живеалиште се потопени лисја од мангрови дрвја. Бактеријата долга околу 0,9 сантиметри е наречена „Тиомаргарита магнифика“ (Thiomargarita magnifica) или - „величествен сулфурен бисер“. Грос тогаш не знаел дека организмот е бактерија. Дури подоцна генетската анализа покажала дека организмот е една бактериска клетка. Во мочуриштето тој ја пронашол бактеријата прикачена на школки остриги, камења и стаклени шишиња. Научниците сѐ уште не успеале да ја одгледаат бактеријата во лабораторија, но велат дека нејзините клетки имаат структура што не е вообичаена за бактериите. Научниците не се сигурни зошто бактеријата е толку голема, но Волан шпекулира дека тоа би можело да биде поради нејзината адаптација - за да не ја јадат помалите организми.  си/сд/

Остани поврзан