• среда, 27 ноември 2024

Откриена биста на првиот претседател Киро Глигоров

Откриена биста на првиот претседател Киро Глигоров

Скопје, 9 окотмври 2024 (МИА) - Киро Глигоров беше лидер кој ги постави основите на современата македонска држава, воден од принципите на демократија, мир и соработка, истакна претседателот на СДСМ Венко Филипче во истоименото основно училиште во Општина Центар каде денеска беше откриена биста на Глигоров.

На свеченоста во Скопје, Филипче истакна дека Глигоров остави силен печат врз историјата со правецот по кој ја движел земјата.

-Тој беше лидер кој ги постави основите на современата македонска држава, воден од принципите на демократија, мир и соработка. Глигоров е симбол за мудрост и визионерство, затоа и не случајно многумина го нарекуваа „Таткото на нацијата“. Во најтешките моменти, кога државата се соочуваше со предизвици во процесот на независност, донесе мудри политички одлуки.  Глигоров го постигна она што ниту една Република од поранешна СФРЈ не успеа да го направи, Македонија по мирен пат стана независна, суверена и демократска држава. Благодарение на Глигоров, рече Филипче, Македонија стана дел од најголемото меѓународно семејство на народи- Организацијата на обединети нации.

Според градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, со поставување на спомен обележје меѓу младите генерации се продолжува патот на големиот државник Киро Глигоров.

-Оваа биста, за нас Центарци е многу повеќе од обичен споменик. Таа е потсетник дека сме на вистинскиот пат. На патот кој го трасираше Киро Глигоров. Убеден сум дека претседателот Глигоров би се гордеел со ова модерно и современо училиште кое го носи неговото име. Нашите деца заслужуваат вакви училишта со највисоки стандарди, рамо до рамо со европските, а сепак наши автентични македонски, истакна Герасимовски.

Автор на бистата поставена во дворот на училиштето е Дарко Дуковски, родител на ученик од училиштето „Киро Глигоров“ кој на промтивниот настан кусо изјави -ми беше чест и предизвик да направам биста од нашиот прв македонски претседател. мт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан