• понеделник, 18 ноември 2024

Отворен 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Отворен 55. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Прилеп, 1 октомври 2021 (МИА) -Театарот е секогаш жив. Со векови наоѓа волшебни излези од секоја ситуација. По изминатиов период, полн со, досега, непознати искушенија и предизвици, вечерва сме овде заедно. Најдобрата терапија за човештвото е токму уметноста, порача министерката за култура Ирена Стефоска која од сцената на Центарот за култура „Марко Цепенков“ го прогласи за отворен јубилејниот, 55-ти Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Поради пандемијата лани не се одржа јубилејното издание.

Според Стефоска, иако маските сега се во публиката, улогите не се променети, зашто желбата и потребата да се негува духот, да се осмислува стварноста низ уметност, одново го придвижуваат светот.

-Изменети сме, но повторно сме заедно. И додека првата слика за театарот, уште од античко време, се двете маски: Талија и Мелпомени, маските се сега меѓу публиката, но улогите не се променети. Желбата и потребата да се негува духот, да се осмислува стварноста низ уметност, одново го придвижуваат светот. Со посебна возбуда и жар, повторното отворање на театрите, го враќа идентитетот на градовите, пулсот на човештвото. За тоа сте заслужни сите што сте на сцената, сите зад овие кулиси, и секако –публиката. Вашата упорност, страст и љубов во овие времиња што ги живееме, се победници во чувањето на здравиот дух и на нашето ментално здравје. „Чернодрински“ на своето отворање ни закажа „Мој термин“. Можеби и не е случајно. Најдобрата терапија за човештвото е токму уметноста, рече Стефоска од сцената на прилепскиот Центар за култура.

На свеченото отворање беа врачени наградите за животно дело на годинашниве добитници: актерите Борис Чоревски и Емил Рубен и на сценографот Крсте С. Џидров.

За добитниците посебна е честа што ги добиваат наградите токму на јубилејното 55-то издание на Фестивалот на кој со децении се присутни во бројни претстави.

-Многу ми е мило што оваа награда ја земам токму сега, на јубилејното 55-то издание на Фестивалот. Околу 30 години сум учествувал на Фестивалот и сакам да и се заблагодарам на прилепската публика која сите овие 55-години го сака, го знае и го наградува театарот. Театарот е разонода и не само во овие тешки времиња од ковидот, туку, воопшто ,во животот и многу е добро да се дојде во театар, да се гледаат претстави. Театарот е мојот живот, би рекол, и додека ме повикуваат, јас ќе играм во претстави. Се чини, театарот полека се буди од овие година и половина и многу ми е мило, изјави актерот Борис Чоревски.

Сценографот Крсте Џидров рече дека четириесетина години доаѓа на Фестивалот со сценографии за претстави.  - Сум соработувал со сите македонски професионални театри и сум добивал награди. Досега сум направил  вкупно 160 сценографии за претстави во земјава и надвор од неа. Посебно ми е драго  што ја добив наградата за животно дело токму на јубилејниот 55-ти Фестивал. За комплетните сценографии заслужни се актерите, режисерите, зашто јас сум човек  „на повик“, да направам сценографија за претстава. И голема е помошта и од техничкиот персонал за правењето на сценографијата. Тоа е тимска работа,  рече сценографот Крсте Џидров.

Наградите ги врачи прилепскиот градоначалник Илија Јованоски истакнувајќи го задоволството што театарските сцени повторно се отворија, а публиката, иако според протоколите во помал број, сепак ќе го има целонеделниот празник на театарот.

Актерите од Македонскиот народен театар од Скопје ја изведоа првата претстава во конкуренцијата за награди. Публиката ја виде претставата „Мој термин“ по мотивите на Лорен Бафи и Висенте Виљануева, во режија на Синиша Евтимов. Во претставата играа: Јордан Симонов, Тања Кочовска, Оливер Митковски, Николина Кујача, Александар Микиќ, Сашка Димитровска и Александар Михајловски.

Во официјалната програма на Фестивалот кој ќе трае до 8 октомври се 13 претстави на професионалните театри во земјава. Денеска на репертоарот се две претстави. Од 18 часот на сцената од Центарот за култура „Марко Цепенков е претставата „Вечера за глупаци“ од Францис Вебер во режија на Ирена Стеријовска, а во продукција на театар „Комедија“ од Скопје, а од 21 часот на матиччната сцена, прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ ќе ја изведе „Глембаеви“ од Мирослав Крлежа во режија на Бранко Брезовец.ем/лв/

 

 

Остани поврзан