• сабота, 23 ноември 2024

Отворен 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

Отворен 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Имате уникатна можност да патувате преку магијата на филмот, да ги изразите вашите идеи и да го споделите со вашите блиски она што ќе го искусите и научите тука. Не престанувајте да сонувате, оти соништата се остваруваат, им порача на присутните синоќа амбасадорот на Република Италија Андреа Силвестри, за време на отворањето на 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. На првиот ден од фестивалот, во киното „Милениум“ се одржа проекција на филмот „Вратената“ на Џузепе Бонито, снимен според роман којшто е преведен и на македонски јазик.

Амбасадорот Силвестри се потсети како пред три години за прв пат се качи на сцената пред учесници на фестивалот, во 2021 година во време на пандемијата, кога капацитетот на салата беше 30 отсто. Тој порача оти е убеден дека уметноста и култураат имаат голем потенцијал и затоа со задоволство го поддржува Џифони, кој ги поттикнува младите на креативност и критичко размислување.

-Тогаш глетката од бината беше многу поинаква. Среќен сум што гледам полно среќни лица со големи очекувања и соништа. Годинава славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Северна Македонија, и по тој повод имаме серија настани од најразлични области - литература, музика, гастрономија… Без сомнеж, една од тие области е филмот. Филмот го славиме преку Џифони, за што сме му благодарни на Клаудио Губитози, кој пред 53 години го креирал фестивалот, а пред 11 години го избрал Скопје за да го прошири и надвор од Италија. Амбасадата ќе ја организира и традиционалната Недела на италијанскиот филм на пролет, а во ноември ќе имаме ревија филмови од фестивалот во Венеција во киното „Синеплекс“, посочи Силвестри.

Директорот на Фестивалот Дарко Башески во своето обраќање посочи дека оваа година имаат убава програма, благодарените на бројни институционални и приватни поддржувачи, но главната поддршка, посочи, доаѓа од младите. 

Програмскиот директор на фестивалот, Деа Крстевска ја издвои новината на фестивалот годинава, а тоа е програмскиот сегмент ЕПИК, што е поддржан од Министерството за надворешни работи на Италија.

-Станува збор за проект што сака да покаже дека уметноста е совршена алатка преку која можат да се пратат важни пораки од и кон младите, пораки за мир во регионот и во светот и пораки против насилство и дискриминација на каква било основа. Но дружејќи се со вас деновиве, се уверивме дека и нема потреба да ве подучуваме за овие вредности, вие веќе ги чувствувате за свои и ги споделувате. Овој фестивал има едукативен карактер. Но и вие имате што да ги научите возрасните. Затоа, употребете ги креативните вештини што ќе ги стекнете на работилниците за да им покажете на сите дека наследените конфликти и предрасуди што ги наметнува општеството не се дел од вашата иднина, рече Крстевска.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.бт/са/

Фото/ Џифони Македонија

Остани поврзан