• вторник, 24 декември 2024

Отворен Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица

Отворен Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица
Струмица, 8 септември 2020 (МИА) - Актерите Танкица Стојанова, Ѓорги Трајков и Никола Костадинов со претставата „Умри машки“ од Алдо Николај во режија на Кире Ѓоргиев, а во продукција на струмичкиот театар „Антон Панов“, ја кренаа завесата на дваесет и осмото издание на Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ на сцена на отворено во Градскиот парк во Струмица. Фестивалот традиционално почнува на 8 Септември, Денот на независноста, а за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица,Коста Јаневски. -Актерот над актерите, големиот Ристо Шишков, повторно не собра на едно исто место, и покрај неговото долгогодишно физичко отсуство. Но неговата духовна присутнот останува во спомените за него и за неговата раскошна актерска оставнина, но и во постоењето на фестивалот кој гордо го носи неговото име, рече Јаневски. Со видео порака почетокот на фестивалот го поздрави и ланскиот лауерат, хрватскиот актер, Драшко Зидар, кој годинава е претседател на фестивалската жири комисија, а претставите ќе ги следи онлајн. -Очекувам фестивалот да биде успешен, а публиката ќе ужива во одлични претстави. Се надевам дека жирито нема да има лесна работа, рече Зидар. До 13 септември, кога завршува Фестивалот, ќе се одиграат осум претстави исклучиво од земјава. На ФКТ „Ристо Шишков“ се доделува само една награда за најдобро актерско остварување. Таа се состои од парична награда во износ од 1.500 евра, ланче и златен медалјон со ликот на патронот на фестивалот, Ристо Шишков.рт/скс/

Остани поврзан