• среда, 20 ноември 2024

Отворен прв кафе-бар во Скопје каде се служи на знаковен јазик

Отворен прв кафе-бар во Скопје каде се служи на знаковен јазик
Скопје, 9 јули 2020 (МИА) - „О2 MR Coffee Bar“ е првиот кафе-бар во Скопје во кој кафињата и пијалаците се служат на толковен јазик. Кафе-барот е отворен со поддршка од Оперативниот план за вработување, а според вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, која денеска го посети барот, ова директно влијае на промена на перцепцијата во државата кон лицата со попреченост. - Заедно со Радмила денеска сум во посета на нивниот кафе-бар што го отвориле со поддршка од Оперативниот план за вработување со програмата за самовработување, преку кој добиле грант неповратни средства од 10 илјади евра. Ова кажува на кој начин финансиските средства кои се редистрибуираат преку оперативните мерки за вработување навистина влијаат на подобрување на животот на сите граѓани, рече Царовска. Таа додаде дека и двајцата сопственици имаат оштетен слух, но директно ја подобруваат нашата економија, затоа што имаат отворено сопствен бизнис. Тие, како што рече, и во периодот на ковид директно инвестираат во економијата и директно искористуваат финансиски средства од оперативните мерки за вработување. - Ако некој досега се обидувал да прикаже дека на нив им треба само државна помош, а да не прават притоа ништо, тука гледаме како тие се претприемачи. И двајцата имаат оштетен слух, но директно ја подобруваат нашата економија. Тие отвораат сопствен бизнис и денеска сакаат да поканат многу скопјани кои би сакале да се напијат кафе или друг пијалок во ницниот кафе бар, додаде таа. Овој план, појасни Царовска, не е само хартија, туку тој кажува дека ние заеднички ги менуваме сите движења во нашето општество и директно влијаеме на намалување на стигмата и дискриминација кај лицата со попреченост. Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ, која исто така денеска го посети кафе-барот, се надева оти ќе има уште многу вакви успешни приказни на самовработување и започнати бизниси на лица со попреченост насекаде низ нашата држава. - Се трудевме изминатиот период сè она што го носиме како мерка и програма да биде достапно за сите, и кога велиме еднаков пристап и еднакви можности за сите, тоа и го покажуваме. Не само што ги зголемуваме финансиските средства за оперативниот план за вработување и самовработување, разликата од 2016 година кога имавме околу 700 милиони денари, денес 2020 вредноста на оперативниот план заедно со поддршката од партнерите изнесува 1,45 милијарди денари. Тоа е навистина огромна разлика меѓутоа за нас е особено важно да имаме вклученост на сите, рече Шкријељ. Таа појасни дека во изминативе неколку години имало над 220 нови бизниси започнати токму од страна на лица со попреченост, а внатре во самиот оперативен план има низа мерки и поддршка за вработување на лица со попреченост. Таа очекува само оваа година да има вработување на над 300 лица со попреченост, благодарение на мерката и поддршката за субвенционирање на нивно вработување Како што наведе Шкријељ, сите лица со попреченост кои ќе започнат со свој бизнис преку програмата за самовработување и во текот на наредните 12 месеци добиваат советодавна и менторска поддршка од искусни бизнис ментори кои што им помагаат да ги развијат нивните продукти и да се пласираат подобро на пазарот. Шкријељ информира дека со цел инклузија и работно и професионално оспособување на лицата со попреченост, во моментов се работи на два современи центри со професионална рехабилитација. Едниот во Струмица веќе почнал со работа, а се очекува во најскоро време да почне со работа и Центарот за професионална работна рехабилитација во Скопје. бт/сп/ https://www.facebook.com/MediumskaInformativnaAgencija/videos/732372970856271/  

Остани поврзан