• среда, 25 декември 2024

Отворен повик за средношколци за решение за постер на тема трансплантација и органодонорство

Отворен повик за средношколци за решение за постер на тема трансплантација и органодонорство

Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) - Учениците од сите државни средни училишта во земјава имаат можност да ги покажат своите визуелни креативни дела за решение за постер на тема трансплантација и органодонорство и да аплицираат на повикот  кој денеска е распишан во рамки на проектот „Поддршка на системот за трансплантација во Република Северна Македонија“.

Проектот е финансиран од ЕУ и се спроведува во соработка со Министерството за здравство, во реализација на Agriconsulting S.A. од Италија и PLANET S.A. од Грција.

Со повикот од средношколците се бара да креираат дигитален изложбен постер, цртеж или друг тип визуелна порака која поттикнува размислување за органодонорството и трансплантацијата.

Секој средношколец може да достави најмногу две креативни дела, а за доставените решенија ќе одлучува петчлено жири.

Како што соопшти тимот за комуникации Поддршка на системот за трансплантација, најдобрите три дела ќе добијат наградни ваучери за електронски уреди, во вредност од 500 евра, 300 евра и 200 евра.

Најдобрите 10 дела ќе бидат претставени на јавна изложба, заедно со професионалните решенија за графички дизајн од вториот повик.

Рокот за пријавување е 4 март 2024. Повеќе информации се достапни на www.transplantacija.mk

-Освен што спасува животи, трансплантацијата на органи ги поставува и темелите на етичките принципи во здравството, но и во општеството во целина. Органодонорството не само што спасува животи на пациентите кои немаат друг избор за лекување, туку и ја испитува нашата хуманост. Семејствата на донорите заслужуваат почит и признание за нивниот алтруизам и надежта која ја даваат за подобра иднина на болните, но и на целото општество преку нивниот пример. Токму ова е иницијалната замисла за започнување кампања за подигнување на свесноста за оргнанодонорство, наведуваат организатгорите на повикот. хс/са/

Фото: МИА архива  

 

 

 

Остани поврзан