• четврток, 26 декември 2024

Отворен новиот дневен центар за лица со попреченост во Гази Баба

Отворен новиот дневен центар за лица со попреченост во Гази Баба

Скопје, 20 октомври 2023 (МИА) - Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, денеска заедно со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и директорот на Центарот за развој на Скопскиот плански регион Јане Мицевски, направија увид и отварање на објект кој ќе биде наменет за лица со телесна и интелектуална попреченост.

 - Дневниот центар ќе овозможи поголема инклузивност на лицата со попреченост, а ќе обезбеди нивно секојдневно сместување, реедукација и рехабилитација, истакна Стефановски.

Тој нагласи дека проектот чини 16 милиони денари, од кои 10 милиони денари се обезбедени од буџетот на Општина Гази Баба, а шест милиони денари се обезбедени преку Скопскиот плански регион.

 - Гази Баба сериозно се развива, реализираме голем број на проекти со кои што ќе ги подобриме условите за живот за сите категории на граѓани, вклучувајќи ги и лицата со попреченост, рече Стефановски.

Директорот на Центарот за развој на Скопскиот плански регион, Јане Мицевски, истакна дека дневениот центар за лица со попреченост е изграден согласно развојната програма Регионален проект и ќе овозможи пристап на лица до 26 годишна возраст. 

 - Ние плански се вклучивме во втората фаза од овој проект каде што вкупната вредност, финансиска конструкција, е 12 350 000 денари, од која половина ги обезбедивме преку Бирото за регионален развој а останатата половина ја обезбеди Општина Гази Баба како наш партнер, потенцираше Мицевски.

 Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласи дека центарот за лица со телесна и интелектуална попреченост е опремен според сите светски стандарди и претставува една додадена вредност во квалитетот на нивниот живот.

 - Јас навистина ги охрабрувам и другите општини и Министерството за труд и социјална политика да земе активно учество во креирање на овие политики и сето тоа да го заокружи, она кое што го зборувам и за кое се залагам, а тоа е дека никој нема да биде заборавен и никој нема да биде оставен, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека за неколку месеци од денес ќе имаме нова реалност, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и единствената задача на таа влада и на министрите кои ќе бидат дел од таа влада и луѓето кои ќе раководат со институциите ќе биде да додадат вредност, односно да го зголемат квалитетот на живот на граѓаните и да испорачаат што е можно повеќе проекти. сан/са/

Фото: ВМРО - ДПМНЕ

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан