• четврток, 26 декември 2024

Отворено 16. издание на Битолското културно лето „Бит фест“

Отворено 16. издание на Битолското културно лето „Бит фест“

Скопје, 4 јули 2024 (МИА) - Со концерт насловен „Симфонија на ѕвездите“ што се одржа синоќа на градскиот стадион „Петар Милошевски“ во Битола, официјално беше означен почетокот на Битолското културно лето „Бит фест“. На концертот настапија „Паркети“, „Суперхикс“, Констракта, Каролина Гочева, Love Itoya, Schiller, Pig & Dan и Brass Brothers.

Присутните ги поздрави битолскиот градоначалник Тони Коњановски кој најави дека овој настан е само почеток на прекрасната програма на „Бит фест“ ова лето. Според Коњановски, ова покажува дека Битола е град на културата со големи културни капацитети кои од година во година, спонтано наметнуваат се повисоки стандарди на квалитет.

На вечерната програма по повод отворањето на „Бит фест“, претходеше програма за најмладите или првата детска олимпијада насловена „Ај на Олимпијада во Битола”, на која учествуваа околу 200 деца на возраст од пет до десет години. Заштитно лице на олимпијадата е пелистерскиот рис Менде, а имињата на тимовите беа инспирирани од најпознатите битолски населби.

Настанот се одвиваше на тениските игралишта до Градски стадион.

- Над 4000 посетители, уживаа и се забавуваа на концертот. Битола вчера покажа дека е град на спортот, град на културата и град кој заслужува повеќе настани од ваков карактер, што беше посебно потврдено од страна на среќната и задоволна публика, соопштија денеска од Општината.

Организатор на Битолското културно лето „Бит фест“ е Општина Битола. бт/бак/

Фото: Фејсбук страница на Општина Битола

 

Остани поврзан