• вторник, 26 ноември 2024

Отворени „Винчини - Центар за развој“ и „Прогресив Академија“ на компанијата „Макпрогрес“ од Виница

Отворени „Винчини - Центар за развој“ и „Прогресив Академија“ на компанијата „Макпрогрес“ од Виница
Кочани, 12 ноември 2021 (МИА) - Компанијата „Макпрогрес“ од Виница, денеска ги отвори новоизградените „Винчини - Центар за развој“ и „Прогресив Академија“ за унапредување на техничките и менаџерски вештини. Се работи за мултидисциплинарен објект со простори за обука и соработка, области за истражување и развој, лаборатории за сензорна анализа и креативно пакување, изложбени салони и музејска изложба, а на отворањето присуствуваа претставници од меѓународни донатори, амбасади, комори, регионални компании и владини институции. Центарот е замислен како двигател на иновации и развој на таленти преку подобрување на техничките и менаџерските вештини, помагање на стартапи, поддршка на млади професионалци и соработка со заедницата, приватниот сектор и академијата, за одржлив развој на регионот. -Навистина сме среќни што визијата за овој иновативен кампус која ја имавме од пред десет години, по неколку години изградба и развој на програми, стана реалност и центарот сега е официјално основан. Покрај поттикнување на иновативниот дух кај вработените како и создавање соработка и синергија со клучните засегнати страни во заедницата, во рамките на овој развоен центар имаме и две академии: Винчини академија за надградба на техничките вештини и Прогресив академија за извршни менаџери. Особено сум горд на партнерството со Barry Callebaut, најголемиот производител на чоколада во светот, со кого ќе соработуваме во делот на Академијата за чоколади за обука на стручни лица за мајстори чоколатиери, истакна Глигор Цветанов, генерален директор на „Макпрогрес“ и претседател на Управниот одбор на Фондацијата „Прогресив Академија“. Претставникот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Скопје, Анди Аранитаси, изјави дека ЕБОР, како еден од иницијаторите на образовните програми на „Прогресив Академија“, е горд што гледа дека овој двегодишен проект станува предводник за едукативен развој. „Прогресив Академија“ ќе обезбедува технички обуки и ја имплементира првата верифицирана Академија за извршни менаџери во земјата, а сето тоа е развиено од консултантската компанија PrimePoint Partners со поддршка на ЕБОР и Јапонски донаторски фондови, истакнаа од Стопанската комора на Северна Македонија. -Сите нови форми на професионална надградба, како и научно-истражувачки и развојни центри, како овој на Макпрогрес, се пример за тоа како да се биде успешна компанија која работи на подобрување на квалитетот на производите, обезбедува можности за учење за вработените, но и поттикнува иновации и развој како повисоки општествени цели, истакна Елена Милевска Штрбевска, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија. „Прогресив Академија“ во Виница ќе биде отворена за соработка со приватниот сектор, невладините организации, средните училишта и универзитетите, како и општините, Владата и меѓународната донаторска заедница. та/аа/

Остани поврзан