Отворена сензорна соба во ОУ „Кочо Рацин“ во Куманово
- Во кумановското Основно училиште „Кочо Рацин“ денеска беше отворена сензорна соба во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Специјално опремената просторија и стручнит
Куманово, 31 октомври 2022 (МИА) - Во кумановското Основно училиште „Кочо Рацин“ денеска беше отворена сензорна соба во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Специјално опремената просторија и стручните соработници и наставници ќе обезбедат дополнителна образовна поддршка за учениците со и без попреченост.
Благица Димитровска од Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ истакна дека сензорните соби претставуваат инструмент за подобро учење и развој на учениците со попреченост.
- Со поддршката на донаторот, Европската Унија, во рамките на овој проект во Општина Куманово со месечни стипендии се поддржани 44 ученици со попреченост, а ги поддржуваме и училиштата да ја подобрат својата инклузивност и пристапност. Така само во Куманово реализиравме едно надворешно инклузивно игралиште, работиме на еден пристапен тоалет, а ова е трета сензорна соба која ја отвораме во училиштата во општината. Сензорните соби претставуваат специјално опремени простории каде може да се изведува индивидуална работа со учениците кои имаат потреба од дополнителна поддршка. Би сакала да напоменам дека оваа просторија не е замена за училница, туку е помошен простор кој ќе помогне училишниот тим да ги оствари образованите цели за секое дете, рече Димитровска.
Оваа сензорна соба е опремена и со поддршка од Општина Куманово која, како што нагласија надлежните, секогаш за залага да ја подобри инклузивноста во училиштата.
- Оваа сензорна соба, претставува уште еден локален симбол за нашата посветеност лицата со попреченост да имаат пристап до квалитетно образование. Како Општина секогаш се вклучуваме во активностите спроведени од овој Проект кој има за цел да придонесе кон суштинско вклучување на децата со попреченост во редовните училишта. Се радуваме на повторната можност со здружени сили со донаторот, граѓанскиот сектор и невладините организации и ние како Општина да направиме чекор кон еднакви можности и еднакви права на сите наши жители, истакна градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски.
Директорката на ОУ „Кочо Рацин“ Лидија Пешевска додаде дека сензорната соба е опремена со елементи кои се од голема корист за учениците со интелектуална попреченост, со хиперактивно однесување, ученици од аутистичниот спектар, деца кои имаа проблеми со моториката и слично и ќе биде уште една дополнителна алатка која ќе помогне училиштето да обезбеди инклузивно и квалитетно образование. Таа се заблагодари до ЕУ, Фондацијата „Чекор по чекор“, здружението „Инклузива“, здружението „Хандимак“ и Општина Куманово.
Ова е 18 сензорна соба која се отвора како дел од овој проект кој го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“. Проектот е финансиран од Европската Унија. ам/мд/