• четврток, 07 ноември 2024

Отворена Минхенската безбедносна конференција

Отворена Минхенската безбедносна конференција

Минхен, 16 февруари 2024 (МИА) - Шефот на Минхенската безбедносна конференција, Кристоф Хојсген, денеска изјави дека човечкото страдање ширум светот е зголемено до степен што многу генерации веројатно не го виделе досега.

Ако ги прашате луѓето да ја опишат состојбата во светот, ќе слушнете многу мрачни коментари, што се одрази и во овогодишниот извештај за безбедност во Минхен, кој беше наречен „изгуби-изгуби“, нагласи Хојсген отварајќи ја конференцијата.

-Да наведеме неколку места, Рогот на Африка, Судан, Јемен, Хаити, Авганистан, милион Рохинџи остануваат заглавени во Кокс Базар. Русија продолжува со бруталниот напад врз Украинците. Израелците беа погодени од нехуман терористички напад. Околу 25.000 Палестинци, главно деца и жени, ги загубија животите, потенцира тој, додавајќи дека учесниците ќе се обидат да ги разгледаат сите овие конфликти во текот на следните три дена.

На почетокот на конференцијата тој исто така рече дека жали за смртта на Алексеј Навални, за кој рече дека е посебен човек.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека нашиот свет се соочува со егзистенцијални предизвици, но дека светот е повеќе поделен од кога било во изминатите 75 години. На панелот за глобалниот поредок, тој истакна дека оваа поделба е поопасна отколку за време на Студената војна, бидејќи, како што кажа, „заканата од нуклеарна војна сега е реална“.

-Денес, во нашиот мултиполарен свет, сè уште се соочуваме со нуклеарна опасност. И се справуваме со две други закани со егзистенцијални димензии - климатската криза и ризиците од неконтролирана вештачка интелигенција. И не успеавме да преземеме ефективни чекори за да одговориме на кој било од овие егзистенцијални предизвици, рече Гутереш.

Тој оцени дека земјите денес прават што сакаат без одговорност, а тоа како што посочи, е поради „неказнувањето“. Гутереш нагласи дека доколку земјите ги исполнат своите обврски според Повелбата на ОН и меѓународното право, секој човек на земјата ќе живее во мир и достоинство, но дека проблемот е што многу влади ја игнорираат оваа обврска, а милиони цивили платиле ужасна цена.

-Ништо не може да ги оправда непромислените терористички напади што Хамас ги започна на 7 октомври против Израел. И ништо не може да го оправда колективното казнување на палестинскиот народ во воениот одговор на Израел. Ситуацијата во Газа е ќорсокак во глобалните односи. Нивото на смрт и уништувањето е шокантно, а војната исто така се шири преку границите низ регионот и влијае на глобалната трговија, рече тој.

Тој, исто така, рече дека очајно ни е потребен праведен и одржлив мир за Украина, за Русија и за светот, но мир во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право, кое утврдува обврска за почитување на територијалниот интегритет на суверените држави. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан