Отворена изложбата на дела од годинашната Меѓународна струмичка ликовна колонија
- Вечерва во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беше отворена традиционалната изложба на дела создадени на 62. Меѓународна струмичка ликовна колонија.
Струмица, 11 септември 2025 (МИА) - Вечерва во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица беше отворена традиционалната изложба на дела создадени на 62. Меѓународна струмичка ликовна колонија.
Изложбата ја отвори градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.
-Со години наназад, уметници од различни земји доаѓаат овде, носејќи ја својата инспирација и заминувајќи со дел од духот на нашиот град. Таа размена е најубаво сведоштво дека уметноста е универзален јазик што не знае за граници. Горди сме што Струмица денес не е само град на историјата и борбата, туку и град на културата, на младоста, на креативноста и на надежта. Оваа изложба е дел од таа приказна. Секоја година ја збогатуваме колекцијата со нови дела, а со тоа ја збогатуваме и иднината на нашите граѓани, рече Костадинов.

На показ на јавноста се поставени нови 36 дела создадени на годинашната Меѓународна ликовна колонија од 16 уметници од Црна Гора, Бугарија, Србија, Монголија и Македонија. Во рамките на колонијата по 37 пат работеше и Студиото за современ мозаик основано од познатиот македонски мозаичар академик Газанфер Бајрам, а од 2011 година го води Александар Филев.
Струмичката ликовна колонија има богат фонд од над 2.800 дела во повеќе ликовни дисциплини создадени од 1.450 уметници од целиот свет.
Отворањето на изложбата беше во рамките на одбележувањето на Денот на ослободувањето на Струмица-11 септември. рт/сст/
Фото: Општина Струмица