• среда, 27 ноември 2024

Отворена изложбата „И потоа врнеше во длабоката фантазија“

Отворена изложбата „И потоа врнеше во длабоката фантазија“

Скопје, 27 јуни 2024 (МИА) - Меѓународната изложба „Poi piovve dentro a l'alta fantasia“ или „И потоа врнеше во длабоката фантазија“ синоќа беше отворена во Чифте амам, во рамките на 45. издание на Скопско лето. Куратор на изложбата е Ана Франговска.

„И потоа врнеше во длабоката фантазија“ претставува мултимедијален уметнички дијалог меѓу Bardh-I Rafet Jonuzi-T уметник од Прешево кој живее и работи во Австрија и негови пријатели уметници: Мариа Анвандер и Готфрид Бегтолд од Австрија, Сорен Далгард од Данска, Саша Буквиќ, „Звоно“ од БиХ, Худа Такрити од Сирија и Австрија, Теута Јонузи од Словачка и Австрија, Михаел Кос од Австрија, Марек Кветан од Словачка, Арјета Мала од Косово и Холандија, Кристин Венцел од Германија и Романија и Славица Јанеслиева и Игор Сековски од Македонија.

-Изложбата создаде платформа каде уметноста ги надминува границите, поканувајќи нè во светот на висока фантазија и длабока имагинација. Честа да ги претставиме делата од талентираната и разновидна група уметници, секој со својата единствена перспектива и глас, е на наше особено задоволство, рече на отворањето директорката на Националната галерија, Дита Старова Ќерими.

Таа потенцираше дека изложбата немаше да биде возможна без напорната работа и посветеноста на многу поединци, како што е Австриската амбасада, Гете институтот, Кунстхале Австрија, Австриското министерство за култура и спорт, „Скопско лето“.

Амбасадорот на Австрија во земјава, Мартин Памер на отворањето ја поздрави и охрабри работата на Националната галерија во исполнување на мисијата уметноста да биде достапна до секого, во овој случај, до уметници од Австрија или уметници кои живеат и работат во својата татковина.

Изложбата ќе може да се посети до 26 јули. бт/aa/

Фото: Фејсбук, Национална галерија

Остани поврзан