• петок, 05 декември 2025

Отворена Белградска безбедносна конференција 2025: „Патишта кон слободата“

Отворена Белградска безбедносна конференција 2025: „Патишта кон слободата“

Белград, 17 ноември 2025 (МИА) - Од денеска попладнево до среда во Белград се одржува Белградската безбедносна конференција 2025 под слоганот „Патеки до слободата“ (Pathways to Freedom).
Оваа година беше мрачна и застрашувачка, обележана со тага и опасност, но и обновена надеж, и во време кога демократијата е загрозена, мора да застанеме на страната на оние кои искрено ја бранат, а не на страната на оние кои ја поткопуваат, беше кажано денеска на отворањето на Белградската безбедносна конференција.

Оваа конференција, организирана од Белградскиот центар за безбедносна политика од своето основање во 2022 година, претставува најголем независен собир на Балканот посветен на безбедноста, надворешната политика, демократијата и човековите права.

Овогодинешното издание ќе собере истакнати домашни и меѓународни говорници - дипломати, истражувачи, политичари и активисти - кои ќе дискутираат за клучни глобални и регионални теми во текот на три дена: политичката криза во Србија, трансатлантските односи, соперништвото меѓу САД и Кина, проширувањето на ЕУ, како и хибридните и вооружените конфликти што ја загрозуваат Европа.

На конференцијата ќе зборуваат членови на Европскиот парламент и парламентите на Франција, Германија и Италија, како и бројни експерти и истражувачи од над 30 земји, што ја потврдува нејзината меѓународна важност и растечкиот углед во политичките и академските кругови.

Со десетици панели и повеќе од 500 учесници, таа потврдува дека Белград, благодарение на напорите на независни организации, останува важен центар на регионални и европски дебати за безбедноста, надворешната политика и демократијата, наведуваат организаторите. зш/

Остани поврзан