• сабота, 23 ноември 2024

Отворање на изложба „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Отворање на изложба „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“ ќе биде отворена вечерва, во Музејот на современата уметност – Скопје.

Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

Изложбата е дел одбележувањето на шеесетгодишнината од основањето МСУ – Скопје кое ќе продолжи во текот на целата 2024 година со повеќе значајни настани, изложби и предавања, работилници.

- Поставката проследува хронологија на настаните почнувајќи од 1963 година како нулта точка, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на Музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници. Таа е обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ-Скопје во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста, велат од МСУ-Скопје.

На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, ќе биде претставен избор од делата од колекцијата на МСУ-Скопје, меѓу кои оние на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат и други.

Изложбата ќе биде отворена до 21 мај годинава. ир/вг/


Фото: МСУ-Скопје

Остани поврзан