• вторник, 24 декември 2024

Отворање на Дом за култура во с. Драчево, реновиран со пари од програмата за рурален развој

Отворање на Дом за култура во с. Драчево, реновиран со пари од програмата за рурален развој
Скопје, 5 ноември 2020 (МИА) – Министерката за култура Ирена Стефоска, градоначалникот на општина Кисела Вода Филип Темелковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски денеска присуствуваа на свеченото отворање на Домот на култура – Кино во с. Драчево. Во реновирањето на старото кино, сега Дом за култура, вложени се над 42 милиони денари, со пари од Програмата за рурален развој и дел од општина Кисела Вода. На 1200 метри квадратни метри, жителите на село Драчево добија кино, театар, сцена, а во овој објект ќе биде сместена и Матичната служба. -Исклучително се радувам што денеска сум присутна на отворањето на реновираниот Дом на културата во Драчево, односно на старото кино. Тоа е место кое е длабоко врежано во сеќавањата на драчевци, но и на скопјани. Се сеќавам и јас на киното Драчево. Ја поздравувам оваа иницијатива која стана реалност. Сите вие заедно покажувате дека кога се сака и умее може да се направи. Со жителите на Драчево, особено со младите, сакам да ја споделам радоста за отворањето на овој дом на културата, кој има повеќе намени-има кино, театар, сцена, овде ќе биде и матичното. Ова ќе биде место каде сите драчевци, но и скопјани ќе доаѓаат и ќе уживаат во уметноста. Убедена сум дека овој објект ќе стане центар во овој дел на градот, истакна министерката за култура Ирена Стефоска. Таа потенцира дека и е особено мило што институции од централната и локалната власт работеле заедно се со цел да се отвори овој објект, што според неа е пример за деметрополизација и децентрализација. Министерката Стефоска рече дека во ова време на пандемија, културата можеби не е на врвот на приоритетите, но таа е лек за менталното и за духовното здравје. -Во овој центар граѓаните ќе ги задоволуваат своите духовни потреби, истакна Стефоска. Градоначалникот на Кисела Вода Филип Темелковски рече дека му е чест и задоволство ми е што сум денеска тука на отворањето на Домот на културата во село Драчево. - Изминативе три години покажавме како треба да се води една општина. Покажавме дека се битни инвестициите во спорот, во инфраструктурата, во образованието и во културата. Покажавме дека за да имаме една комплетна општина треба подеднакво да инвестираме и во руралниот и во урбаниот дел. За нас секој е битен. Затоа и овој објект овде Домот на културата во с. Драчево, објект во којшто заедно со Агенцијата за финансирање и поддршка на руралниот развој и земјоделието инвестиравме преку 42 милиони денари во 1200 метри квадратен простор плус летна сцена. Во овој простор ќе се развива културата во с. Драчево, но и во околните населби – населба Драчево, Зелениково, Студеничани. Сите ќе имаме можност да го посетуваме овој капитален објект, истакна Темелковски. Тој нагласи дека во објектот во иднина ќе има и радосни настани преку Матичната служба. Во Домот за култура ќе се одржуваат сите работи коишто се од интерес на граѓаните на с. Драчево. - Тука ќе биде сместено и најстарото КУД „Китка“ од село Драчево, кое со години е репрезент на културата на Кисела Вода, на македонската култура. Тие се репрезенти и во државата, но и надвор. Затоа сметавме дека е време да си имаат објект во којшто ќе бидат домаќини, во којшто ќе може навремено да ги подготвуваат сите свои настани, но и уште подобро да ја презентираат македонската култура и традиција и надвор од нашите граници, рече Темелковски. Тој информира дека во првата фаза, поради пандемијата, ќе работи само стручниот дел, поточно службите коишто се во интерес на граѓаните. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски рече дека тој зборува за дела и бројки. - Овој значаен објект е целосно реконструиран со што просторот веќе претставува еден мултифункционален и современ центар во кој сегашните, но и идните генерации ќе ја негуваат пред сè културата. За реконструкција на Домот на културата Агенцијата преку Програмата за рурален развој издвои 14,7 милиони средства денари, грант наменети за општината којашто другиот дел на средствата ги обезбеди самата. Наскоро во оваа зграда ќе можат да се одржуваат и театарски претстави, изложби, а ќе има можност КУД „Китка“ повторно да си најде свој дом, подвлече Бабовски. Според него, ова е можност младите да се тргнат од нивните мобилни телефони и екраните на компјутери, да дојдат на ова место каде што ќе можат културно да се едуцираат и образуваат. Тој истакна дека Агенцијата со која раководи има одлична соработка со општината Кисела Вода, и оти заеднички направиле неколку проекти досега. - Со општина Кисела Вода, Агенцијата е навистина партнер и е добар пример како локалната власт добро соработува со централната власт. Во овој дел на Кисела Вода, Драчево и околината се финансирани од страна на Агенцијата со грант од 28 милиони денари. Ваквите проекти помагаат граѓаните да имаат квалитетни услови за живот и можност да отвораат и нови бизниси, истакна Бабовски. Тој потенцира дека преку Програмата за рурален развоја моментално во државата се реализираат 200 проекти во висина од 38 милиони евра. ир/ац/

Остани поврзан