• четврток, 26 декември 2024

Осумнаесетти „Зимски салон“ на ДЛУМ во Чифте амам

Осумнаесетти „Зимски салон“ на ДЛУМ во Чифте амам
Скопје, 3 февруари 2020 (МИА) - „Првиот грев - првата доблест“ е темата на 18-та биенална изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) „Зимски салон“, која официјално ќе биде отворена вечер во 20 часот во просториите на Чифте амам. Изложбата ќе ја отвори министерот за култура, а на крајот тој ќе ја додели наградата, двомесечен престој во Париз, за уметникот победник на годинешниот „Зимски салон“. Како што истакна на денешната прес-конференција Кирил Пенушлиски, куратор на  18. „Зимски салон“, разлика меѓу овој „Зимски салон“ и претходниот е во тоа што годинава има само еден гостин, уметникот Александар Зафировски. Според Пенушлиски, Зафировски со своите дела дал придонес да се подигне квалитетот на годинешната манифестација и да даде ново светло не само на неговите дела, туку на целата изложба. Александар, како што рече кураторот, бил првиот и единствениот избор. -Стана една традиција кураторот на „Зимскиот салон“ да повикува гости од страна на земјите на кураторот кои преходно биле кај него и да работи со тие уметници. Јас како Македонец мислам дека е подобро на „Зимскиот салон“ да имаме македонски гости и уште повеќе да биде тоа само еден гостин кој што ќе има можност да покаже што знае и што може, истакна Пенушлиски. Според Пенушлиски, композицијата што ја зацртал во „Првиот грев - првата доблест“ е доволна широка за да можат уметниците да ја толкуваат на различни начини и сите тие толкувања да се разликуваат, но и да бидат веродостојни и издржани. На изложбата учествуваат 16 автори: Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Кирил Гегоски, Тања Балаќ, Марјана Костојчиноска Узунчева, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Борче Богоевски, Илина Арсова, Филип Фидановски, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Виолета Чаповска и Слободан Живковски. Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ работеле на едно дело. - Двајца работеа на едно заедничко дело, тоа беше една од композициите, всушност една од сугестиите кои што јас ја кажав на почетокот, а тоа е дека би било убаво да имаме повеќе уметници кои што заедно ќе работат. Друга сугестија беше дека јас би сакал да видам серија на дела, четири кои ќе одработуваат една иста тема или еден иста момент и во таа серија да ни прикажат како стигнуваат до завршните дела или скици кои тие ги нудат, и имаме такви неколку уметници кои понудија повеќе дела кои меѓусебно прават една поголема целина, рече Пенушлиски. Умениците, како што рече кураторот на изложбата, понудиле и еден краток текст од 150 збора што дава сопствено убедување на делото, затоа што, според него, е добро за гледачот, за посетителот на „Зимскиот салон“ да види една различна перспектива. Пенушлиски за изложбата рече дека се водел по само еден критериум, а тоа е квалитетот. Имало многу уметници кои се пријавиле за учество, и како што додава, задоволен е од крајниот резултат. -Јас сум задоволен од крајниот резултат. И од начинот на кој што одлучивме да ја претставиме изложбата, и од тоа што беше понудено, додаде тој. Претседателот на ДЛУМ, Филип Фидановски, во обраќање на денешната прес-конференција рече дека се обебзбедени сигурни финансии од Град Скопје, но несигурни од Министерството за култура. - Се уште не знаеме дали изложбата ќе биде финансирана од Министерството за култура, и со колку пари ќе биде финансирана бидејќи конкурсот се уште не е излезен, а ние веќе ги реализираме проектите. Една аномалија на нашето општество, на нашата култура која што мислам дека треба да ја нагласиме бидејќи наназад со години се повторува истото ова, вие да отпочнете проекти во годината а не знаете со колку пари и како се истите поддржани, додаде Фидановски.бт/лв/  

Остани поврзан