• понеделник, 23 декември 2024

Остра реакција на МЗТ на предлогот на федерацијата за крај на сезоната без да се прогласи шампион

Остра реакција на МЗТ на предлогот на федерацијата за крај на сезоната без да се прогласи шампион
Скопје, 22 април 2020 (МИА) - Кошаркарската федерација на Северна Македонија (КФСМ) по едномесечна пауза денеска првпат, официјално, до членовите на Управниот одбор, го изнесе својот став за суспендираното првенство, кое, според нив, треба да заврши - без прогласување шампион и без испаѓање. На ова остро се противи лидерот на табелата МЗТ Скопје Аеродром. - Без разлика што е во ек на пандемија со коронавирусот, кога сите сили ни се насочени кон борбата против невидливиот непријател, во која се вклучи и нашиот клуб со финансиска донација и со откажување од парите кои ни следуваат од државата, не може, а да не се почувствуваме повредени, па дури и навредени од размислувањето на господинот Перо Антиќ и неговите соработници, а до кое е дојдено со помош на нивните советници и „коалициски партнери“. Предлогот содржи неколку небулози и правно неиздржани работи, кои, ако се усвојат, сигурно ќе им донесат и покани за на суд. Прво што не ни е јасно е зошто не се прогласува шампион. Одиграни се 17 кола, што е повеќе од 60% од предвидениот број средби за регуларниот дел од сезоната. МЗТ Скопје Аеродром, без разлика што играше на два силни фронта со по две средби неделно и со многу далечни патувања помеѓу, има јасна предност од две победи пред конкурентите, а сите тимови имаат еднаков број одиграни средби. Вакви ситуации имаше во поголем број европски држави, кои без никаква дилема лидерот го прогласија за шампион, а меѓу нив се и редовни учесници на Европските првенства како Полска, Литванија, Летонија, Украина, Белгија и БиХ. Секако, имаше и такви кои прекинаа и без прогласување шампион, но тоа најчесто беше поради тоа што одредени тимови не играа во првиот дел од домашниот шампионат (Словенија, а најверојатно и Србија), како и поради тоа што сите немаа одиграно исто број средби (Хрватска), стои во реакцијата на МЗТ Скопје. Понатаму во соопштението на тимот од Аеродром се вели: - Второ што ни боде очи во ставот на КФМ е нелогичноста околу крајниот пласман, кој, според нив, е доволно добар да биде користен при поделбата на спортските ваучери за 2021 година, ама не е добар за прогласување шампион. Зошто? Која е разликата? Ако се важи пласманот за едно, тогаш тоа треба да се случи за сѐ, вклучувајќи го и делот што, очигледно, им боде очи на Антиќ и неговите соработници и „коалициски партнери“. Кому му пречи МЗТ Скопје Аеродром да биде прогласен за првак, во јасна ситуација, со 60% и повеќе одиграни средби од регуларниот дел од сезоната и убедлива предност пред конкурентите. МЗТ Скопје бара да се преиспита предлогот на КФСМ и само со една одлука да не се поништува цела досегашна сезона и средствата што ги потрошија тимовите. зс/

Остани поврзан