• понеделник, 23 декември 2024

Остин го повика Израел да ги заштити мировните сили на ОН во Либан

Остин го повика Израел да ги заштити мировните сили на ОН во Либан

Вашингтон, 17 октомври 2024 (МИА) - Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска го повика Израел да ги заштити мировниците на ОН во јужен Либан.

Во телефонскиот разговор со неговиот израелски колега Јоав Галант, Остин ја истакна важноста од преземање на сите неопходни мерки „за заштита на безбедноста на УНИФИЛ (Привремените сили на Обединетите нации во Либан) и на либанските вооружени сили“, се вели во објавата на Остин на платформата „X“.

Остин, исто така, ја истакна потребата „да се следи дипломатскиот пат за да се заштити безбедноста на цивилите од двете страни на границата што е можно поскоро“.

Мировните сили на ОН во Либан беа неколкупати на удар во последните денови, при што беа повредени најмалку четворица војници. Израелските тенкови, исто така, во неделата насилно се пробија низ главната порта на базата на ОН во јужен Либан. Израел ја обвинува милицијата Хезболах поддржана од Иран дека користи области во близина на базите на УНИФИЛ за свои цели. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан