Оставки на словенечкиот министер за внатрешни работи и директорот на полицијата
- Словенечката полиција остана без раководство откако оставки поднесоа министерот за внатрешни работи Алеш Хојс и директорот на полицијата Антон Травнер, јави дописникот на МИА од Љубљана.

Љубљана, 30 јуни 2020 (МИА) – Словенечката полиција остана без раководство откако оставки поднесоа министерот за внатрешни работи Алеш Хојс и директорот на полицијата Антон Травнер, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Причина за оставката на Хојс е претресот што полицијата го прави во домот на министерот за економија Здравко Почивалшек, за кого има сомнежи дека правел незаконски дејства при набавката на респиратори и заштитна опрема за потребите на словенечките болници.
Оставката која е неотповиклива Хојс веќе му ја испратил на премиерот Јанез Јанша за кого ова е прво повлекување на министер во неговата Влада.
Сега веќе поранешниот министер на социјалните мрежи ја објави оставката во која пишува дека претресот во домот на Почивалшек е незаконски и дека полицијата во некои сегменти е контролирана од, како што ја нарече „удбашко-партиска структура“.
Пред да биде избран за министер за внатрешни работи, во минатото Хојс беше и прв човек на телевизијата Нова24 ТВ, за која опозицијата обвинува дека е финансирани директно со „унгарски пари“ и дека е „партиска телевизија на премиерот Јанез Јанша“.
Инаку, полицијата денес прави претреси во 11 објекти меѓу кои и домот на министерот за економија во обид да се најдат докази за корупција при реализацијата на осум милионскиот тендер за набавка на медицинска опрема. ав/сд/
