• вторник, 24 декември 2024

Основниот кривичен суд Скопје најтранспарентен за 2021 година

Основниот кривичен суд Скопје најтранспарентен за 2021 година
Скопје, 29 март 2022 (МИА) – Основниот кривичен суд Скопје во 2021 година според извештаите за работа е најотворен и најтранспарентен во однос на другите судови во државата. Судијката Мирјана Лазарова Трајковска на денешната проширена општа седница на Врховниот суд констатираше дека не само што се работи за ажурен суд, туку се работи и за суд кој водел сметка за начинот на менаџирање со човечки ресурси. Според статистиките кои овој суд ги изготвил за 2021 година, и покрај пандемијата со КОВИД-19 и намалениот број судии кои отсуствувале заради боледување, судот успеал од вкупно 117.811 предмети, да заврши 104.747, а за работа останале нерешени 13.064 предмети. Основниот кривичен суд Скопје завршил 6.786 предмети повеќе во однос на претходната 2020 година. - Во овој суд вкупно во работа биле 18,7 отсто од вкупниот број предмети кои воопшто биле пред судовите во 2021 година, а судот завршил 19,6 проценти од вкупниот број на решени предмети на ниво на државата. Тоа го прави судот да биде ажурен, но одлика на овој суд е и фактот дека станува збор за веројатно најотворениот и најтранспарентниот суд во однос на средствата за информирање, меѓутоа и кон јавноста бидејќи судот преку својата веб-страница редовно и по потреба објавува соопштенија за јавноста, дава одговори за медиумите, комуницира со невладини организации, со меѓународни организации, соопшти судијката Лазарова Трајковска. Во текот на 2021 година овој суд објавил 106 соопштенија за јавноста, 145 одговори на невладини организации и медиуми по новинарски прашања, 41 одговор на прашање поставени од страна на граѓани преку портпаролот на судот, 42 одговори на барање за пристап до информации, организирани биле два брифинзи за новинари, а покрај тоа во судот биле организирани и три факултативни посети, а склучени се и меморандуми за соработка. - Независно од сериозноста и бројноста на предметите со кои успевал да се справи во изминатата година, за квалитетот на работата на Кривичниот суд зборуваат и бројот на предметите кои биле потврдени од повисоките судови, па така во Кривичниот совет за организиран криминал и корупција во работа вкупно имале 1.793 предмети, завршени биле 1.731 предмети, а незавршени 62 предмети. Од нив обжалени биле 208 предмети или 12,02 посто, од кои 98,9 посто биле потврдени или пак воопшто не биле обжалени што зборува за високиот квалитет на работа на овој оддел, иста е и констатацијата за кривично полнолетни каде квалитетот на работа покажува дека од вкупно решени 3.213 предмети, обжалени биле 11,92 посто од вкупниот број предмети а потврдени како правилно донесени биле 82,78 посто од вкупниот број на одлуките. Слична е состојбата и во кривичниот совет за полнолетни во одделот за малолетни лица, во одделот за прекршоци, истраги и претходна постапка во делот на кривично полнолетни. Од претходната година како незавршени останале 3.541 предмет во делот за извршување на санкции, примени биле 25.894 предмети или вкупно во работа 29.435 предмети од кои како нерешени останале 3.080 предмети, образложи Лазарова Трајковска. Основниот кривичен суд Скопје се справувал и со стари предмети, односно од вкупно 2.449 стари предмети во овој суд како нерешени останале 976 предмети. Како што додаде судијката Лазарова Трајковска, проблем во делот на човечките ресурси постои во делот на потреба од пополнување на раководни судски службеници и пополнување на потребните кадри особено во делот на стручните советници и правници во делот на судот. - Основниот кривичен суд има просторни услови на релативно задоволително ниво, за разлика од другиот дел од судовите во државата, но има потреба од подобрување на информатичката опрема, неопходно е надградување на системот за аудио и видеоснимање на рочиштата во судниците, опремување на старата судница за организиран криминал во старата судска зграда со опрема за аудио и видеоснимање на рочиштата, има потреба од набавка на 30 професионални скенери, 25 ЛЦД телевизори, има потреба од зајакнување на кадрите во делот на раководните судски службеници и дактилографи и записничари, заклучи Лазарова Трајковска. Имено, генералната оценка за извештајната 2021 година, според податоците во рефератите по извештаите е дека судовите во Република Северна Македонија вложиле голем труд со што се констатира дека повеќето судови со постоечките персонални, материјални и финансиски услови за работа успеале да го совладаат приливот на нови предмети, а решавале и заостатокот со што ажурно ја завршиле 2021 година. - Секако останува впечатокот дека со изборот на нови судии, пополнувањето на судовите со соодветен кадар по празнењето на работните места, со континуирана едукација, како и со подобрување на материјалната и финансиската состојба, ќе може да се постигнат уште подобри резултати, констатираше претседателката на Врховниот суд Беса Адеми. Судовите, 2021 година ја започнале со 98.188 предмети како остаток од претходната година. Во текот на 2021 година примени се нови 524.771 предмет кои заедно со предметите повотрно во работа биле 5.132 и погрешно заведени 269 предмети и вкупно имале 627,837 предмети. Решени се над 531.957 предмети, а останале нерешени 95.880 предмети, со што поголемиот број судови во 2021 година успеале да го совладаат бројот на прилив на предмети и го намалиле заостатокот. На седницата на Врховниот суд денеска како неажурни судови за извештајната 2021 година беа посочени Управниот суд и Апелациониот суд Скопје, за кој како предлог мерки беа наведени подобрување на состојбата со старите предмети и за поефикасно работење, неопходно пополнување на бројот на носители на судиската функција, како и доекипирање на судот со непополнетиот кадар од судската служба. За ажурен суд беше посочен и Основниот граѓански суд Скопје. мс/дма/

Остани поврзан