• сабота, 16 ноември 2024

Основано Друштво на словенечки и македонски стопанственици

Основано Друштво на словенечки и македонски стопанственици
Скопје, 14 април 2022 (МИА) - Бизнисмени од Словенија и од Северна Македонија вчера основаа Друштво на словенечки и македонски стопанственици. За прв претседател на Управниот одбор е избран Војдан Јорданов, извршен директор на „Триглав Осигурување“, кој во оваа прилика потенцираше дека постои тренд на зголемување на инвестициите во двете земји и изрази задоволство што сѐ повеќе македонски компании веќе инвестираат во Словенија. - Според мене, „здружениот збор железни врати отвора“ е појдовната мисла за ова друштво, изјави Јорданов. Амбасадорот на Словенија во земјава, Милан Предан, на основањето на Клубот потенцираше дека ова е многу важен момент за стопанствениците од двете држави како и за Амбасадата, која последните години вложуваше многу напори, дa cе основа овој бизнис клуб што ќе овозможи многу предности за двете економии. - Задоволен сум што стопанската размена меѓу двете држави се зголемува и достигна рекордно ниво од 375 милиони евра, што е за 50 милиони евра повеќе во однос на пред кризната 2019 година. Во следните две-три години, се надевам нашата стоковна размена ќе достигне половина милијарда евра. Исто така, Словенија инвестира во Македонија околу 400 милиони евра, што е сериозна бројка во однос на големината на двете економии, рече Предан. Според него, Друштвото ќе претставува уште еден партнер за комуникација со државните институции во Северна Македонија и ќе ги штити интересите на сопствените членови.фф/лв/

Остани поврзан