• сабота, 09 ноември 2024

Османи: Работиме на сите можни фронтови за побрзо да почнеме преговори

Османи: Работиме на сите можни фронтови за побрзо да почнеме преговори
Скопје, 1 септември 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска по средбата со неговиот дански колега Јепе Кофод изјави дека иако политичката ситуација во Бугарија е доста комплексна, со оглед дека таму ќе има трет изборен циклус, земјава ќе продолжи да работи и со Софија и со европските партнери, со цел побрзо почнување преговори за членство во ЕУ. - Јас сум оптимист по природа, но од искуството од претходните месеци ќе биде сигурно не така лесно да се стигне до решение. Но, ние ќе продолжиме да работиме и со Република Бугарија, меѓутоа и со европските партнери. Присуството на министерот овде, неговите силни зборови на поддршка, неговата констатација дека земјата заслужува почеток на преговори, дека треба да ги почне преговорите е навистина силна порака која што одекнува секаде низ ЕУ, а верувам дека и во Република Бугарија бидејќи не е прашање само на тоа дали Република Северна Македонија ќе ја одржи првата конференција оваа година, туку која е перспективата на регионот по однос на Унијата и кој е кредибилитетот на целиот овој процес, рече Османи. Според него, пораките што вчера ги упати шефот на грчката дипломатија Никос Денсиас, и денеска министерот на Данска, Кофод, се силни пораки коишто охрабруваат и даваат оптимизам дека земјава е на вистинскиот пат. - Тоа се навистина силни пораки коишто ме охрабруваат мене, ми даваат повеќе оптимизам, но е најважно ги охрабруваат граѓаните дека оваа земја е на прав пат, оваа земја е подготвена, оваа земја има перспектива и не е прашање дали ќе ги започне преговорите и дали ќе стане членка на ЕУ, туку кога тоа ќе се случи и на тоа работиме на сите можни фронтови за да биде што побрзо, истакна Османи. Претходно, данскиот министер Кофод, кој се наоѓа во прва посета на земјава, на прес-конференцијата со Османи рече дека Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство во Европската Унија и оти Данска ќе се залага за тоа. Изрази надеж оти преговорите ќе почнат што е можно побрзо и рече дека Данска цврсто стои зад Северна Македонија, а исто така и дава силна поддршка за реформите што земјава ги презема во изминативе години, но и претходно. нд/ац/

Остани поврзан