• сабота, 23 ноември 2024

Османи: Повеќе интеграција на Западен Балкан за стабилност, предвидливост и доверба во меѓусебните односи

Османи: Повеќе интеграција на Западен Балкан за стабилност, предвидливост и доверба во меѓусебните односи

Скопје, 30 мај 2023 (МИА) - Иако целосното пристапување во ЕУ може да потрае неколку години, на земјите кандидати за членство во Унијата им требаат краткорочни, но веродостојни и реални привремени чекори со цел унапредување на економијата, поврзувањето и демократските процеси.

Ова, како што соопшти МНР, го истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи во Братислава на Форумот ГлобСек 2023, каде на панелот посветен на иднината на проширувањето на Европската Унија, го елаборираше концептот на “повеќе интеграција пред членство”.

-Членството во Енергетската и Транспортната заедница, заедно со визната либерализација, беа добри примери како да се извезат правила до кандидатите пред полноправното членство во ЕУ. Постепеното проширување на оваа интеграција во други области ќе промовира стабилност, предвидливост и доверба во нашите меѓусебни односи, нагласи министерот.

Османи уште еднаш подвлече дека целта на концептот е да им се дозволи на земјите од Западен Балкан пристап до фондовите, како и набљудувачки позиции во европските институции, со крајна цел земјите од Западен Балкан да развиваат капацитети, компатибилни со европските вредности и конкурентноста на пазарот.

-Ова не е алтернатива за полноправно членство, туку нешто корисно за нашите граѓани на нивниот пат кон членството, како што е прогресивната интеграција на единствениот пазар, на пример слободно движење на стоки, олеснување на трговијата меѓу регионот и ЕУ преку намалување и отстранување на преостанатите царински тарифи и квоти вклучувајќи ги земјоделските производи и преку обезбедување ослободувања од трговските мерки, бесплатно снабдување на услуги и движење на капитал, вклучување во идни ориентирани трговски и даночни политики итн, објасни министерот Османи.

На панелот околу проширувањето на Унијата, со свои видувања се обратија и министерот за европски и меѓународни прашања на Австрија, Александер Шаленберг, министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ и заменик министерката за европски и надворешни работи на Албанија, Меги Фино, стои во соопштението. вг/ац/

Фото: МНР

 

Остани поврзан