• понеделник, 16 декември 2024

Османи од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија

Османи од ОН во Њујорк: Мораме да и кажеме не на Русија

Скопје, 23 февруари 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска се обрати од седиштето на Обединетите нации во Њујорк, на  56. пленарен состанок на 78. седница на Генералното собрание, по повод две години од инвазијата на Русија врз Украина.

Состанокот беше на тема „Ситуацијата во привремено окупираните територии на Украина“, а Османи, како што соопшти МНР, уште еднаш ја повика Русија да ја прекине „оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина“.

-Русија ги прекрши основните принципи на меѓународното право и започна целосна агресивна војна против Украина, земја членка на ОН’, истакна Османи.

Министерот потенцираше дека Северна Македонија е исто така силно загрижена и ја осудува незаконската депортација на децата од Украина во Русија и Белорусија од страна на Руската федерација и ги повика да обезбедат нивно безбедно враќање дома.

-Мораме да и кажеме не на Русија. Правдата и одговорноста мора да надвладеат, рече Османи и додаде дека Северна Македонија им се придружи на другите 140-те земји-членки за поддршка на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници од 1991 година, кои, за жал, како што оцени, Руската Федерација не ги почитува.

Османи повика на обединетост во поддршката за Украина, „не само за доброто на жртвите и нивните семејства, туку и како предуслови за избегнување на понатамошни агресии и неиспровоцирана употреба на сила во меѓународните односи“. мч/аа/

фото: МНР 

Остани поврзан