• четврток, 26 декември 2024

Османи: Доколку сега не се реши спорот меѓу Скопје и Софија, би можел да прерасне во „замрзнат конфликт“

Османи: Доколку сега не се реши спорот меѓу Скопје и Софија, би можел да прерасне во „замрзнат конфликт“
Скопје, 27 април 2022 (МИА) - Сега е вистински момент за решавање на отворените прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија, доколку тоа не се случи во блиска иднина спорот би можел да прерасне во „замрзнат конфликт“, изјави во интервју за бугарската телевизија БТВ шефот на дипломатијата Бујар Османи. – Мислам дека во иднина ќе има се помалку сила и енергија и храброст кај кој било политичар храбро да се занимава со оваа тема. Затоа се плашам дека за месец-два ова ќе се претвори во замрзнат конфликт кој ќе трае со години, со сите последици што ќе произлезат од нашите односи, нашата внатрешна политика и можностите за регионот. Убеден сум дека во втората половина од оваа година нема да ја имаме истата сила да бидеме целосно посветени, со сета енергија на власта, за решавање на ова прашање, како што тоа го правиме сега, вели Османи. Според него, доколку се пропушти оваа шанса, ќе се продолжи со конструктивна работа на оваа тема, но нагласува и дека во тој случај Владата ќе треба да се занимава и со други прашања во нашата држава. Министерот Османи во интервјуто за БТВ се осврнува и на настанот во Битола на отворањето на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“. Тој на прашањето дали поради името на клубот во Битола и реакциите во јавноста се нарушиле односите меѓу двете земји, вели дека е забележан пад на довербата, оценувајќи дека треба да се работи на тоа таа повторно да се врати. - Кога ќе влезете во бугарскиот клуб во Битола, на главниот влез има голема табла со цитат од Ванчо Михајлов, на која пишува: „Залудни се напорите на таканаречениот македонски народ да го лаже светот“. Ова е голема навреда за нашите граѓани, ова е голема навреда за луѓето што ги застапувам. Ова кај нас се смета за провокација, изјави Османи во интервјуто. Османи вели дека не верува дека бугарските власти биле присутни во Битола поради оваа порака на Михајлов, но посочи и дека доколку клубот не го носел ова име, државниот врв на Северна Македонија ќе присуствувал во Битола. - И јас во мојата изјава кажав дека доколку клубот не го носеше ова име ние ќе бевме дел од оваа делегација во Битола. Целата наша Влада би била таму бидејќи ја поздравуваме и сакаме да ја поттикнеме бугарската заедница да се организира, сакаме бугарската заедница да се интегрира во институциите, системите и механизмите создадени преку рамковниот договор. Но, мораме да внимаваме на чувствителноста на темите, особено во овој период на доверба. Сакаме да ја вратиме меѓусебната доверба. Секако дека ваквите прашања ќе ни бидат се помалку важни, бидејќи ќе бидеме фокусирани на иднината, на заедничката европска перспектива за граѓаните на двете земји. Но, ова е деликатен период во кој и вие и ние мораме да бидеме внимателни за да ја создадеме нашата заедничка иднина, вели Османи за БТВ. нд/ац/

Остани поврзан