• среда, 25 декември 2024

Османи-Токајев: ОБСЕ останува единствена платформа за дијалог и покрај безбедносните предизвици

Османи-Токајев: ОБСЕ останува единствена платформа за дијалог и покрај безбедносните предизвици

Скопје, 11 август 2023 (МИА) - Соработката на властите во Казахстан со ОБСЕ и нејзината Проектна канцеларија во Астана, внатрешните прашања на земјата и реформските процеси што се во тек, како и на актуелни теми поврзани со меѓународната соработка и состојбите во поширокиот регион на Централна Азија, беа во фокусот на средбата на претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи со претседателот на Казахстан, Касим Јомарт Токајев.

-Казахстан има активна улога во ОБСЕ и нејзината посветеност кон принципите на Организацијата е од големо значење и придонесува за зајакнување на улогата на ОБСЕ во регионот на Централна Азија. Во таа насока, ОБСЕ ќе продолжи да ја поддржува земјата, вклучително и во напорите за справување со безбедносните предизвици предизвикани од влијанието на ситуацијата во Авганистан, но и во спроведувањето на реформската агенда, истакна Османи на средбата во Астана.

ОБСЕ, посочи Османи, останува да служи како единствена платформа за дијалог и покрај невидените безбедносни предизвици во поширокиот регион на ОБСЕ и затоа ги охрабрувам властите на Казахстан да продолжат да ја користат нејзината поддршка,  

-ОБСЕ преку својата експертиза и ресурси ќе продолжи да дава поддршка за спроведување на реформите, особено во областите на добро владеење, заштита на животната средина, економско зајакнување на жените, борба против семејното насилство и трговијата со луѓе и родовата еднаквост, рече Османи.

Покрај во овие области, додаде Османи на средбата со Токајев, ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува Казахстан и во промовирањето на регионалното поврзување, зајакнувањето на енергетската безбедност, антикорупцијата и во спроведувањето на медиумските и судските реформи. нд/аа/

Фото: МНР

 

Остани поврзан