• вторник, 24 декември 2024

Османи-Кааг: Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија

Османи-Кааг: Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија
Скопје, 14 јуни 2021 (МИА) - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во рамките на лидерскиот НАТО Самит на земјите членки на Алијансата во Брисел, оствари средба со неговата холандска колешка, Сигрид Кааг, што воедно претставува и нивна прва средба, откако неодамна Кааг ја презеде функцијата министерка за надворешни работи на Холандија.
Како што соопшти МНР, двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговараа и за европското досие на Северна Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство. Министерката Кааг во оваа прилика истакна дека Холандија го поддржува португалскиот предлог за надминување на проблемот со Бугарија.
Во таа смисла Османи го поздрави холандскиот „строг и фер“ принцип, што значително помага во спроведување на реформската европска агенда и имплементирање на европските стандарди, во насока на европските амбиции на Северна Македонија. Кааг ги поздрави остварените резултати, со цел зајакнување на демократијата и владеење на правото, при што ја истакна неопходноста од континуирана и посветена имплементација на европските стандарди и реформските цели, давајќи поддршка на евроинтегративните перспективи на Северна Македонија со верба дека набргу и формално ќе почнат преговорите за пристапување во ЕУ.
Холандија се вбројува помеѓу најголемите билатерални донатори на земјава, што претставува исклучителен придонес за севкупниот напредок, како и за европската перспектива на земјава и во тој контекст, Османи се заблагодари за принципиелната и недвосмислена поддршка од Холандија за европската интеграција на С Македонија, особено преку поддршка на судството, реформа на јавната администрација и приближувањето кон европското законодавство.
Двајцата министри разменија и мислења, предлози и сугестии за натамошно унапредување и продлабочување на билатералната соработка, ставајќи посебен акцент на интересот и потребата од засилување на економската соработка, преку идентификување на можниот интерес за инвеститорите и за интензивирање на трговската размена. нд/скс/

Тагови

Остани поврзан