• среда, 25 декември 2024

Осветен завршениот фрескоживопис во соборната тетовска црква Свети Кирил и Методиј

Осветен завршениот фрескоживопис во соборната тетовска црква Свети Кирил и Методиј

Тетово, 3 септември 2023 (МИА) - Архиепископот на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија г.г Стефан во соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово отслужи Архиерејска литургија по повод завршувањето на фрескоживописувањето на целата внатрешност на тетовската соборна црква.  

Сега покрај иконостасот во оваа црква на сите ѕидови се насликани икони со светци. Од 2010 година досега се насликани 250 икони, кои се донација на исто толку православни семејства.

-Се собравме за да ги осветиме новоисликаните фрески и да отслужиме Света Божествена Литургија во овој прекрасен храм, во овој тетовски и македонски бисер меѓу црковните градби, подигнат на почетокот од минатото столетие, а посветен на великаните на македонската и сесловенска писменост и, пред сѐ, рамноапостолни проповедници на христијанската вера, големите светители и просветители Кирил и Методиј; дојдовме во овој молитвен дом, кој цело столетие служи како централен тетовски дом Божји, и кој, веруваме, додека Македонецот битува и додека векот векува, ќе продолжи да биде место во кое тетовчани ќе доаѓаат за да се молат и за да се црквуваат, и во кој тетовското православие ќе продолжи да опстојува и да се чува, посочи во беседата г.г Стефан.

Архиепископот им заблагодари на зографите професорите Венко Цветков и Зоран Бошковски, кои ги насликаа фреските. 

-А токму тоа е, се разбира, смислата на иконите и на фреските ‒ да ни помагаат во молитвеното општење со Бога, во просењето на застапништво кон Пресветата Богородица и кон светиите, во претчувствувањето на царството небесно веќе овде, на земјата. Иконите и фреските не се „уметност заради уметност“, туку се, како што вели еден руски мислител: „умозрение во бои“ . Па, како што Евангелието и делата на светите отци со слово ни говорат за основните догматски вистини за Бога и за основните етички вистини за човекот, така иконите и фреските тоа ни го говорат без зборови, на живописен начин. Затоа е и речено дека иконите и фреските се како отворена Библија, посочи поглаварот на МПЦ-ОА.

Архиепископот г.г Стефан светата божествена литургија ја отслужи со владиците митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, митрополитот Брегалнички г. Иларион и поголем број свештенослужители.

-Дојдовме во овој молитвен дом, кој цело столетие служи како централен тетовски дом Божји, и кој, веруваме, додека Македонецот битува и додека векот векува, ќе продолжи да биде место во кое тетовчани ќе доаѓаат за да се молат и за да се црквуваат, и во кој тетовското православие ќе продолжи да опстојува и да се чува, посочи во беседата г.г Стефан.

Тој потсети дека се изминати 120 години откако биле положени и осветени темелите на храмот и безмалку 100 години откако е извршено осветувањето.

-Му благодариме и  на Неговото Високопреосвештенство, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, за поканата и воедно, му изразуваме честитки зашто успеа да го доразубави овој храм, како што во своето досегашно десетлетно трудољубиво архипастирствување на од Бога доверената му Тетовско-гостиварска епархија, успеа да  изгради и епархиско седиште во Лешочкиот манастир и да започне со целосно реновирање на стариот манастирски конак. За пофалба е и што митрополитот покажува голема грижа и активности за заштите и доградба на повеќе храмови во епархијава, со што тој продолжува по стапките на своите епархиски претходници и по стапките на сите мудри македонски и македонољубиви поколенија, архијереи и црквољубиви ктитори кои, градејќи цркви и манастири ширум македонската земја, неа ја преобразиле во земја ‒ црква и манастир, во земја ‒ крст и икона, истакна поглаварот во беседата.

По литургијата, присутните верници ја примија Светата причест. ас/вг/

 

 

Остани поврзан