• вторник, 24 декември 2024

Оризопроизводителите привремено ја прекинаа блокадата на патиштата, но протестот го продолжуваат до исполнување на барањата

Оризопроизводителите привремено ја прекинаа блокадата на патиштата, но протестот го продолжуваат до исполнување на барањата
Кочани, 12 септември 2022 (МИА) – По вчерашната блокада на магистралниот пат Кочани – Штип, оризопроизводителите кои протестираа против ниските откупни цени и високите трошоци за производство, привремено ја отстранија земјоделската механизација. -Иако беше најавено дека блокирањето на сообраќајот ќе трае повеќе денови, тракторите и механизацијата се повлечени, но протестот не е прекинат. Ќе трае сè до исполнување на нашите барања за откупна цена од минимум 40 денари за килограм арпа. За секоја блокада на патиштата имаме обврска однапред да ја известиме полицијата, така што ќе дејствуваме според законските одредби, а се договараме за натамошните активности. Во меѓувреме испративме уште едно писмено барање за средба со ресорниот министер, но немаме никаков одговор. Сметаме дека сите проблеми се решаваат со разговори и договори, а ние само така можеме да ја постигнеме нашата цел, истакна Здравко Арсов, оризопроизводител од Облешево. Членови на Здружението на оризопроизводители „Бело злато“ од Кочани подготвиле трошковник за производството на арпа за оваа година, според кој минималната сума што треба да се издвои за подготовка, сеидба и жетва на еден декар изнесува околу 12 илјади денари. -Пресметката со трошковникот денеска ќе ја доставиме до Министерството за земјоделство, а во неа се наведени просечни количини и актуелни цени на нафтата што е потребна за подготовка на единица површина оризова нива, потоа трошоците за набавка на семе, ѓубрење и заштита на оризовото растение, за воден надоместок, како и за жетва. Иако неофицијално, имаме сознанија дека се планира минималната откупна цена да биде од 30 до 32 денари за килограм арпа, во зависност од сортата, да останат редовните субвенции за засеана единица површина, а со мерката за „зелена нафта“ да има стопроцентно покривање на трошокот за набавка на гориво, истакна Зоран Борисов од здружението „Бело злато“. Со оглед што за еден месец треба да почне жетвата на новата реколта на оризот, земјоделците очекуваат навреме да се најде решение за откупната цена за да можат да ги покријат трошоците за производство. та/сст/  

Остани поврзан