• сабота, 23 ноември 2024

Оризопроизводителите во вторник ќе протестираат пред Министерството за земјоделство

Оризопроизводителите во вторник ќе протестираат пред Министерството за земјоделство
Кочани, 11 февруари 2022 (МИА) – Оризопроизводителите од кочанскиот регион во вторник ќе излезат на протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Скопје за да ги повторат барањата за подобрување на состојбата во која се наоѓаат. Претставниците од Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството се незадоволни што и покрај упатениот повик, досега не оствариле средба со ресорниот министер и други владини претставници, по блокирањето на магистралниот пат во Облешево во понеделникот. - Целиот координативен тим на Одборот е со став дека треба да протестираме пред Министерството за земјоделство, за што веќе организираме неколку автобуси за превоз на земјоделците кои произведуваат ориз. Очекуваме да ни се придружат и земјоделци од другите региони во државата, за што добивме поддршка. Проблемите на сите ни се заеднички ако се имаат предвид драстично зголемените трошоци, особено со порастот на цените на ѓубривата и другите препарати. Ќе побараме, како што растат цените на репроматеријалите, така и откупните цени на оризот, пченката, пченицата, јаболката, грозјето и другите земјоделски култури да се зголемуваат сразмерно, истакна Здравко Арсов од Иницијативниот одбор за заштита на оризопроизводството. На протестот во Облешево оризопроизводителите побараа до септември да продолжи рокот за интервентната финансиска поддршка од три денари за килограм арпа, редовните субвенции да бидат исплатени до крајот на февруари и да се зголеми поддршката за „зелена нафта“. Дополнително, упатија барање за реорганизирање на акционерското друштво за водостопанство, односно да се врати системот на водни заедници, со што земјоделците ќе бидат вклучени во организацијата за наводнување на површините. та/мс/

Остани поврзан