• среда, 25 декември 2024

Организацијата за домување и станари: „Потребни се итни мерки и развој на модели за пристап на соодветно домување за млади"

Организацијата за домување и станари: „Потребни се итни мерки и развој на модели за пристап на соодветно домување за млади

Скопје, 24 ноември 2023

Организацијата за домување и станари (HTO) организираше тркалезна маса на којашто се дискутираше за моменталната состојба на домувањето кај младите лица, предизвиците со кои се соочуваат и потенцијалните решенија. 

На настанот беа презентирани резултатите од спроведените активности во склоп на проектот „Активни млади за соодветно домување”, поддржан од СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан, имплементиран од Центарot за промоција на граѓанското општество (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП), Институтот за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Во последните 6 месеци се реализираа обуки и работни средби со млади и разни засегнати страни на тема домување, и се изготви прирачник со насоки како младите може да бидат активни чинители и да се застапуваат за своите права до соодветно домување. Прирачникот може да се најде на овој линк ТУКА. 

Многу млади лица се свесни за состојбата и проблемите за нивниот пристап до соодветно домување и сакаат позитивни промени, акција и конкретни чекори за создавање на подобри услови за секој еден млад човек во државата. Младите се охрабрени за активно учество, но потребен е сопфатен пристап и ангажман на повеќе засегнати страни во државата, од младински организации, граѓански организации, локална и национална власт како и од политичките партии. Младите се повеќе и повеќе ја напуштаат државата. Креирањето на модели за пристап до соодветно домување и достојни услови за живот кои соодветствуваат на можностите на младите, би било ефективно решение кое го спречило или успорило иселувањето на младите. Кога младите би имале пристап до пристоен дом, тоа би го зголемило и економскиот придонес во државата, бидејќи младите би имале повеќе слобода и можност да работат на професионален развој отколку да плаќаат скапи кирии или да живеат со поголем број на цимери/цимерки или со родителите, каде нивниот индивидуален раст и развој е успорен. 

Клучните дискусии, одлуки и препораки дадени за време на настанот на тркалезната маса ќе бидат документирани и споделени со релевантните засегнати страни, вклучувајќи ги младите луѓе и релевантните владини институции за да се поттикне понатамошна акција и напредок. 

 

Фото: ОДС

 Организацијата за домување и станари 

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан