• недела, 22 декември 2024

Орбан за „Билд“: Путин во никој случај нема да нападне земја од НАТО

Орбан за „Билд“: Путин во никој случај нема да нападне земја од НАТО

Будимпешта, 8 јули 2024 (МИА) - Унгарскиот премиер Виктор Орбан во интервју за весникот „Билд“ изјави дека, според него, е невозможно рускиот претседател Владимир Путин да нападне земја на НАТО, јави ДПА.

„Ниту една сериозна личност не може да зборува за намерата на Русија да го нападне НАТО“, изјави Орбан за „Билд“.

Нападот врз НАТО е целосно невозможен - не само за Русија, туку и за кој било во светот - бидејќи тоа е убедливо најсилната воена заедница, додаде Орбан.

Унгарскиот премиер рече дека сите земји на НАТО стојат на ветувањето за колективна безбедност, што значи дека нападот врз еден сојузник на НАТО е напад врз сите.

Русите имаат поинаква историја и култура и различно разбирање за слободата и националниот суверенитет од Европејците, рече Орбан, кој минатата недела се сретна со Путин во Москва.

„Но, тие се рационални, тие се хиперрационални“, рече тој.

Како одговор на приговорот дека инвазијата врз Украина не била рационална, тој одговори: „Ирационалноста се разликува од правењето грешка во рационална пресметка“.

Орбан во интервјуто го пофали Доналд Трамп како „човек на мирот“.

Со оглед на претседателските избори во САД во ноември, Орбан рече дека верува оти американскиот претседател Џо Бајден нема повторно да влезе во Белата куќа.

Потоа уште еднаш го пофали републиканскиот ривал на Бајден, Доналд Трамп.

„Тој е бизнисмен, самоизграден, има различен пристап кон сè. И мислам дека тоа е добро за светската политика“, рече Орбан. „Да не заборавиме дека тој е човек на мирот“, нагласи Орбан, додавајќи дека Трамп не започнал ниту една војна во текот на неговите четири години минати во Белата куќа.

Орбан е единствениот премиер на една земја од ЕУ кој отворено ја дава својата поддршка за републиканецот дури и пред Трамп да биде избран за претседател во 2016 година. сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан