Орбан: Војната во Украина не може да се добие со победничкиот план на Зеленски
- Војната во Украина не може да се добие со „планот за победа“ предложен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Будимпешта, 18 октомври 2024 (МИА) - Војната во Украина не може да се добие со „планот за победа“ предложен од украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Со ова можеме само да загубиме, а Унгарија нема да биде дел од тоа“, изјави Орбан за јавниот сервис Кошут радио.
Орбан истакна дека ЕУ е поделена на две групи по прашањето за војната: „Тука сме ние и останатите“.
„Унгарија на почетокот на војната рече дека нема да учествува во воените напори, додека другите земји на ЕУ се во неа. ЕУ се однесува како воинствена страна“, рече Орбан, додавајќи дека Унгарија на почетокот јасно ставила до знаење дека тоа е погрешна стратегија.
Тој нагласи дека оваа војна не може да се добие и дека преговорите се неопходни. „Сега другите 26 земји од ЕУ зачудено слушаат дека претседателот Зеленски има 'план за победа'. Зошто, што имаше до сега? Тоа што досега го имаа како план испадна дека е план за пораз, а сега тие се обидуваат да го заменат со план за победа“, рече Орбан и повтори дека Унгарија нема да учествува во тоа. паг/
Фото: ЕПА