Општина Ѓорче Петров: Интензивно се гради новата сообраќајна врска меѓу улиците „Социјалистичка Зора“ и „Сремски фронт“
- Општина Ѓорче Петров неодамна започна со изградба на нова сообраќајна врска која ќе ги поврзе улиците „Социјалистичка Зора“ и „Сремски фронт“, со што, како што информира општинската прес-служба, значително ќе се подобри локалната инфраструктура и ќе се олесни пристапот до главната улица „Ѓорче Петров“ – важна сообраќајна артерија која води кон скопската обиколница и западниот дел на Република Македонија.
Скопје, 27 мај 2025 (МИА) - Општина Ѓорче Петров неодамна започна со изградба на нова сообраќајна врска која ќе ги поврзе улиците „Социјалистичка Зора“ и „Сремски фронт“, со што, како што информира општинската прес-служба, значително ќе се подобри локалната инфраструктура и ќе се олесни пристапот до главната улица „Ѓорче Петров“ – важна сообраќајна артерија која води кон скопската обиколница и западниот дел на Република Македонија.
Градоначалникот Александар Стојкоски при увид во текот на градежните активности изјави дека овој зафат претставува значаен чекор напред за општината.
- Не само што го олеснуваме секојдневниот живот на граѓаните, туку вложуваме во побезбеден, поквалитетен и пофункционален урбан развој, рече Стојкоски.
Проектот е финансиран со 8.835.966 денари, доделени преку Одлуката за користење капитални дотации на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти во областа на транспортот за 2024 година. Согласно склучениот договор со економскиот оператор, вкупниот износ изнесува 8.879.500 денари, при што разликата ќе биде кофинансирана од страна на Општината.
Од општината истакнуваат дека со реализацијата на овој проект ќе се постигне подобро поврзување на локалните улици, намалување на сообраќајната гужва на ул. „Ѓорче Петров“, поголема безбедност и проточност на сообраќајот и подобрување на секојдневното движење на жителите.лв/
фото:Општина Ѓорче Петров