• вторник, 24 декември 2024

Општина Центар: „Шанса за Центар“ да престанат со манипулациите, нема никакво бетонизирање и отуѓување на земјиште

Општина Центар: „Шанса за Центар“ да престанат со манипулациите, нема никакво бетонизирање и отуѓување на земјиште

Скопје, 19 април 2023

На денешната прес-конференција, советниците на „Шанса за Центар“ и Јана Белчева изнесоа низа на лаги и манипулации за просторот кај поранешна „Треска“, кои најостро ги отфрламе.

Прво, „Шанса за Центар“ манипулира постојано со површината на државното земјиште. На површина од 41.000 м2, 47% е државно земјиште, од кое само околу 10% е предмет на дооформување и таа постапка за дооформување на градежни парцели е законска обврска на општината. Останатите 37% се наоѓаат под површини планирани за јавна намена, како улици, тротоари, пешачки патеки, блоковско зеленило и не се предмет на отуѓување по ниеден основ. Општината ниту распродава, ниту отуѓува. Напротив, градоначалникот Герасимовски се заложи да на просторот биде донирана и изградена градинка и парк, а блоковското зеленило да биде над задолжителните 20% на парцелите. Не само што нема бетонизација, туку се обезбедува парк и повеќе зеленило како и јавни површини.

Понатаму, новото раководство на Општина Центар преку Град Скопје поведе постапка за донесување на регулациски план за ДУП Градска четврт З11, локалитети Буњаковец 1 и 2. Носењето на овој план значително би ја олеснила процедурата за одвојување и донесување на план само за просторот кај фабриката Треска, со што приоритет му се дава токму на овој дел од градот. Градоначалникот Герасимовски ги повика и сите останати надлежни институции, активно да се вклучат за негово поскоро донесување.

Сѐ до носењето на ваквиот регулациски план, општината ниту може законски, ниту пак има надлежност да стопира правни постапки на сопствениците. За тоа кривично се одговара! Ја прашуваме Белчева дали општината треба да го прекрши законот или некој кривично да одговара за институционално блокирање на граѓаните во реализација на нивните права? Дали таа и „Шанса за Центар“ ќе ги плаќаат пеналите за евентуалното непостапување? Дали предлага да се повтори нова бесправна постапка како со мораториумот кој го иницираше токму Белчева, свесна дека е незаконски и невозможен?

Второ, „Шанса за Центар“ повторно се зафатија со бранење на конкурсот кој го распиша Јана Белчева, која претседаваше со Советот на општината и која сама знае дека во реалноста не може да се реализира. Нема ниедна законска можност, ниту пак тој конкурс е спроведен согласно закон, за истиот на било кој начин да се користи. На истиот начин, спротивно на законот, беше спроведен мораториумот кој подоцна беше поништен а од кој штета трпеа само граѓаните. „Шанса за Центар“, чии членови во континуитет изминатите 5 и пол години се дел од власта во општината, не направи ништо за урбанизмот, не донесе ниту еден значаен ДУП, ниту пак на било кој начин ја подобри состојбата на граѓаните.

За крај, симптоматично е што „Шанса за Центар“ ништо не кажа, ниту даде поддршка за една од најдобрите иницијативи на општината, а тоа е иницијативата за измена во Законот за бесправно градење. Запрепастува фактот дека Белчева и оние кои ги изградија своите политички кариеири на тема урбанизам, не дадоа никаква поддршка за оваа иницијатива на градоначалникот Герасимовски, но се тука да шират дезинформации. Немаат понудено ниедно конкретно решение досега на тема урбанизам и повеќе од јасно е дека нивното политичко делување е само од политички побуди и празна дискредитација.

Граѓаните на Центар да бидат спокојни, градоначалникот Герасимовски до крај ќе го почитува законот за градење и секоја педа државно земјиште ќе биде заштитено и наменето за граѓаните законите за градба целосно ќе се почитуваат.

Општина Центар

___________________________________________________________________________

 МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан