Општина Струга ќе соработува со германската општина Барлебен
- Продлабочување на соработката и отворање нови можности за партнерство меѓу Струга и германската општина Барлебен биле во фокусот на средбата на градоначалникот Менди Ќура со неговиот германски колега Франк Насе.
Струга, 24 февруари 2026 (МИА) - Продлабочување на соработката и отворање нови можности за партнерство меѓу Струга и германската општина Барлебен биле во фокусот на средбата на градоначалникот Менди Ќура со неговиот германски колега Франк Насе.
Општина Струга соопшти дека средбата се одвивала во конструктивна и отворена атмосфера.
- Се разговараше за соработка во областа на економијата, туризмот и образованието, како и за размена на искуства со посебен акцент на локалниот економски развој. Беше отворена и темата за управувањето и администрирањето на противпожарните служби, како и можностите за конкретна стручна и техничка поддршка за Струга во оваа област, посочува општинската прес-служба.
Барлебен, како што наведуваат, претставува успешен пример за стратешко планирање, развој на современа инфраструктура и привлекување инвестиции, особено во секторот на новите технологии, што резултира со нови работни места и стабилен економски раст.
Претходно Ќура остварил средба и со претставници на бизнис-заедницата во Берлин, Германија со цел продлабочување на соработката и воспоставување стабилни партнерства меѓу локалната самоуправа и меѓународните инвеститори.
На средбата, како што информира Општина Струга, биле презентирани потенцијалите на Струга како атрактивна дестинација за инвестиции, со акцент на туристичкиот сектор и стратешките развојни проекти што можат дополнително да ја зајакнат локалната економија и да отворат нови перспективи за граѓаните. сс/вг/
Фото Општина Струга