• петок, 27 декември 2024

Општина Охрид нема да дозволува урбана опрема на плажите, исклучок субјектите што имаат важечки договори за тековната сезона

Општина Охрид нема да дозволува урбана опрема на плажите, исклучок субјектите што имаат важечки договори за тековната сезона
Охрид, 21 јули 2021 (МИА) – Општина Охрид нема да дозволува диво поставување урбана опрема на плажите на Охридското Езеро, единствено само оние субјекти што имат склучено соодветни договори со Општината. Приватните сместувачки и угостителски објекти кои се лоцирани во првата крајбрежна зона на езерото имаат право да стопанисуваат со плажите пред објектите само во согласност со склучените договори со Општина Охрид, во кои е утврдена површината за поставување на урбана опрема. Такви договори, според Општина Охрид, имаат сместувачките капацитети вила „Свис“, хотел „Холидеј-М“,  хотел „Орце Николов“, хотел „Аквалина“, хотел „Силекс“, хотел „Лагадин“,  хотел „Мизо“, хотел „Десарет“, хотел „Инекс Горица“, хотел „Гранит“, хотели „Метропол“, угостителските објекти „Бонанаца“, „Егоист“, „Голден бич“ и автокампот „Љубаништа“. Согласно склучените договори со важност од 3 јули заклучно со 30 септември, правните лица кои се сопственици на овие сместувачки и угостителски објекти за поставување на урбана опрема плаќаат надомест на Општина Охрид. Со цел да се спречи узурпирање на поголем простор и поставување на лежалки, маси, столици и реквизити надвор од договорената површина за поставување на урбана опрема, инспекторите од Одделението за инспекциски надзор при Општина Охрид спроведуваат редовни контроли на плажите. Од Општина Охрид најавуваат дека контролите ќе бидат континиурани во текот на целата летна сезона и ќе бидат во координација со Државниот пазарен инспекторат. Редовни контроли ќе се спроведуваат и на слободните плажи кои не се издадени под концесија и за кои нема договори за поставување на урбана опрема, со цел да се превенира диво поставување и издавање на реквизити. Активностите се спроведуваат во насока на воведување ред во стопанисувањето со брегот на езерото и обезбедување повеќе слободен простор за жителите и туристите, кои одмараат на крајбрежјето. аб/аа/

Остани поврзан