Општина Македонска Каменица упати известување до станарите на законските обврски за одржување на зградите
- Општина Македонска Каменица преку соопштение денеска ги потсети граѓаните, сопственици на станови во колективни станбени згради, за нивните обврски во согласност со Законот за домување. Потсетувањето како што се вели во соопштението има за цел да ја зголеми свеста на граѓаните за правилното одржување на зградите.

Македонска Каменица, 25 март 2025 (МИА) - Општина Македонска Каменица преку соопштение денеска ги потсети граѓаните, сопственици на станови во колективни станбени згради, за нивните обврски во согласност со Законот за домување. Потсетувањето како што се вели во соопштението има за цел да ја зголеми свеста на граѓаните за правилното одржување на зградите.
-Според законските одредби, станарите се должни да се грижат за тековното одржување на заедничките делови на зградата. Ова вклучува замена на сијалици, приклучоци, мали молерски интервенции и набавка на резервни делови. Дополнително, според член 62 од Законот, сите членови на Заедницата на сопственици се обврзани да издвојуваат средства во резервниот фонд, кој служи за покривање на неопходните трошоци поврзани со заедничкото домување, соопштија од Општина Македонска Каменица.
Управувањето со зградата како што се вели во понатамошниот текст е одговорност на претседателот на Заедницата на сопственици, кој, според член 59, треба да ги спроведува сите активности во име и за сметка на заедницата.
-Сите станари мора да бидат свесни дека потенцијалните опасности и ризици од заедничкото домување се нивна заедничка одговорност“, се додава во соопштението од Општина Македонска Каменица, потпишано од градоначалникот Димчо Атанасовски.
Со доследно почитување на обврските се очекува да се обезбеди безбедно и квалитетно живеење за сите станари. вс/сст/
Фото: Општина Македонска Каменица