Општина Маврово и Ростуше доделува еднократна помош за млади за обука за возачка дозвола за "Б" категорија
- Оваа мерка е наменета за младите невработени лица на возраст од 16 до 24 години кои се со постојано живеалиште во општината.
Дебар, 25 март 2026 (МИА) - На предлог на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, Советот на општината донесе Правилник со кој се овозможува доделување еднократна парична помош за завршена стручна обука за возачка дозвола за Б категорија.
Оваа мерка е наменета за младите невработени лица на возраст од 16 до 24 години кои се со постојано живеалиште во општината.
-Освен овие два услова, апликантот треба да биде невработени лице. Барањето и потребните изјави се подигнуваат и пополнуваат директно во просториите на Општината. Во тек е изработка на нова Веб страна на општината, па откако истата ќе биде во функција потребните барања ќе можат да се преземаат директно од општинската веб страница, информираше Фикрет Ибраими, одговорен во секторот за информирање.
Дообјаснува дека лицата треба да приложат важечки документ за идентификација, лична карта или патна исправа, потврда за завршена стручна обука за Б- категорија не постара од 1 февруари годинава.
- Исто така потребно е да достават доказ за извршена уплата -уплатница уплатена во банка, пошта или фискална сметка не постара од 01.02.2026 година, свидетелство за завршено 9-то одделение во едно од основните училишта кои се наоѓаат на територијата на Општина Маврово и Ростуше, како и копија од трансакциска сметка, посочува Ибраими.
Според него, со оваа мерка, општинското раководство ја потврдуваат својата постојана посветеност кон поддршката на младите и олеснување на нивното секојдневие. вт/вј/
Фото: Општина Маврово и Ростуше