• среда, 27 ноември 2024

Општина Куманово отпиша даночни побарувања поради застареност

Општина Куманово отпиша даночни побарувања поради застареност
Куманово, 4 март 2023 (МИА) - Општина Куманово отпиша даночни побарувања од скоро милион и триста илјади евра, соопштија од Секторот за даноци. Советот на последната седница ја изгласа Предлог – одлуката за отпис на побарувања по основ на комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија (заклучно со 2018 година) и данок на имот за правни и физички лица (заклучно со 2012 година). Според надлежните од Секторот, станува збор за апсолутна застареност на побарувања, законско решение која секоја општина треба да го реализира, откако при наплатата ќе ги исцрпи сите законски можности.

Раководителот на Секторот за даноци и такси, Ненад Стојановски информираше дека општината во 2019-та година извршила отпис на данок на имот и физички и правни лица заклучно со 2008 година, а за фирмарина или комунална такса заклучно со 2010 година. И тогаш како што рече пред Советот биле отпишани над 42 милиони денари, поради апсолутна застареност, откако општината ги исполнила сите законски можности за наплата.

- Еден милион и 266 илјади евра сè во прашање. Од тоа, еден милион евра отпаѓа на законот за трговски друштва и централен регистар. Ние ги презедовме сите дејствија за да ги наплатиме тие пари, но не можеме, ние не сме ги избришале тие субјекти, сме пуштале блокади, од централен регистар ги избришале. Правни лица пет и пол милиони за четири години, иста состојба сме ги спровеле сите законски дејствија. Единствено што кажав за физички лица дека не сме дошле до момент да блокираме затоа што немало достави. Образложението е многу јасно дефинирани се сите членови по основ на кој се брише и кажува за релативна, апсолутна застареност, рече Стојановски.

Според него, Секторот последниве пет години работи совесно и неселективно и се обидува да ги наплати сите побарувања. Овие побарувања се нереални и нема можност да се наплатат, велат од секторот.
 
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан