Општина Куманово и Хабитат ќе продолжат со проектот за замена на фасадите на зградите
- Проектот опфаќа замена и поставување енергетски ефикасни прозорци и врати, реконструкција на покриви, како и поставување нови фасади на колективните станбени објекти. Со тоа се очекува значително намалување на енергетските трошоци, но и подобрување на изгледот на зградите
Куманово, 10 март 2026 (МИА) - Годинава, продолжува проектот на Хабитат наменет за замена и монтажа на енергетски прозорци и врати, покриви, како и поставување на фасади на објекти за колективно домување во општина Куманово, соопшти на денешната прес-конференција, раководителот на секторот за меѓународна соработка и евроинтеграции, Горан Митевски.
Во тек е втората фаза од проектот, која подразбира изработка на техничка документација за реконструкција на објектите. Проектантите, избрани од страна на Хабитат Македонија, веќе работат на проектите за зградите што се опфатени во првата фаза. Подоцна ќе следи постапка за добивање одобренија за реконструкција. Откако ќе се добијат дозволите, станарите ќе имаат можност сами да изберат изведувачи.

- Општина Куманово средствата не ги исплаќа директно на станарите или на изведувачите, туку тие се префрлаат на Хабитат Македонија, со што целата реализација се спроведува заеднички-објасни Митевски.
Проектот опфаќа замена и поставување енергетски ефикасни прозорци и врати, реконструкција на покриви, како и поставување нови фасади на колективните станбени објекти. Со тоа се очекува значително намалување на енергетските трошоци, но и подобрување на изгледот на зградите. Дополнително, со реконструкцијата станбените објекти полесно ќе можат да добијат т.н. енергетски пасош, документ кој станува сè поважен фактор за вредноста на недвижностите, согласно европските стандарди.
- Со овие активности се применуваат европски практики во областа на енергетската ефикасност и се создаваат услови за повисок квалитет на домување-изјави Митевски.
Проектот почна лани, во мај кога општината распиша повик за учество во овој проект на кој аплицираа заедници на станари како и управители на заедниците на станарите. Со оваа мерка, не се врши само подобрување на енергетската ефикасност, туку преку Одделението за меѓународна соработка и евроинтеграции се преземаат и мерки согласно европските практика и стандарди, да се биде чекор напред во делот на енергетската ефикасност и придобивките од истата.
На повикот се пријавиле околу 14 станбени објекти од различни делови на градот, најголем дел од централното градско подрачје. Меѓу улиците од кои се пријавени згради се „Ленинова“, „Народна револуција“, „Иво Лола Рибар“, „Моша Пијаде“, „Титова Митровачка“, „Драган Стопаревиќ“, „Благој Ѓорев“ и други. По спроведена процедура и рангирање од страна на формирана комисија, во првата фаза за реализација се избрани шест згради.

- Во оваа фаза се опфатени повеќе објекти дел од централното и поширокото централно подрачје. Наредната година ќе продолжи проектот со реализација и на останатите згради кои се пријавиле. Општината учествува со 30 проценти од средствата-истакна Митевски.
Според него, средствата за кофинансирање веќе се обезбедени во општинскиот буџет и ќе се префрлаат во согласност со динамиката на реализација на проектот.
Паралелно со овој проект, Општина Куманово реализира и други активности преку секторот за меѓународна соработка, меѓу кои и проекти за урбанистичко планирање и подобрување на условите за маргинализирани заедници во одделни месни заедници во градот.ам/
Фото: МИА