Општина Куманово и УНДП објавија повик за избор на изведувач за реконструкција на музичкото училиште во Куманово
- Општина Куманово во партнерство со УНДП објавува отворен Повик за избор на изведувач за реконструкција на фасада, кровен покривач и прозорци на објектот на УОМО „Панче Пешев“ – Куманово. Интервенцијата е дел од проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, одбрана како приоритетна мерка на одржани два граѓански Форуми во Општина Куманово во 2025 година.
Куманово, 13 февруари 2026 (МИА) - Општина Куманово, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објави отворен повик за избор на изведувач за реконструкција на фасадата, кровниот покривач и прозорците на објектот на УОМО „Панче Пешев“, информираа денеска од општината.
Заинтересираните компании можат да аплицираат преку официјалниот портал за јавни набавки на УНДП, а крајниот рок за поднесување на понудите е 5 март 2026 година, до 11:00 часот. Деталните технички спецификации и услови за учество се достапни во документацијата објавена на линкот од повикот.
Интервенцијата претставува конкретен чекор во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, кој беше идентификуван како приоритетна мерка на два граѓански форуми одржани во 2025 година во Куманово.
Проектот има јасна еколошка и енергетска димензија, со оглед на тоа што реконструкцијата на објектот е насочена кон подобрување на енергетската ефикасност и намалување на загубите на енергија, што индиректно придонесува за намалување на емисиите на штетни честички во воздухот. Ваквиот пристап се вклопува во пошироките локални и национални политики за справување со аерозагадувањето, кое со години претставува еден од најсериозните проблеми во Куманово.
Финансиската поддршка за проектот е обезбедена од Кралството Шведска и Општина Куманово, додека УНДП е задолжена за имплементацијата. Предвидените градежни мерки опфаќаат реконструкција на фасадата, замена или санација на кровниот покривач и подобрување на прозорската столарија, со што објектот ќе добие подобри енергетски перформанси и подолгорочна функционалност. ам/сст/
Фото: МИА