• среда, 15 јануари 2025

Општина Куманово ги повика заинтересираните да се пријават за користење на услугата „народна кујна“

Општина Куманово ги повика заинтересираните да се пријават за користење на услугата „народна кујна“

Куманово, 14 јануари 2025 (МИА) - Општина Куманово денеска ги повика заинтересираните да се пријават за остварување на право на народна кујна за оваа година. За програмата, како што информираат од општината, можат да се пријават граѓани корисници на гарантирана минимална помош, евидентирани во Центарот за социјални работи Куманово, лица корисници на право на социјална сигурност на стари лица и лица со интелектуална попреченост, лица со телесна попреченост, потполно слепи и потполно глуви лица.

Правото на користење на народна кујна е дел од општината програма за социјална заштита и за корисниците предвидува право на еден дневен оброк. Оброците се подготвуваат во ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“, кој е давател на услуга, а програмата е поддржана од буџетот на општината.

-Едно лице може да искористи еден оброк на дневно ниво. Корисниците ќе го подигаат оброкот со важечка лична карта. Еден барател може да поднесе едно барање во кое може да ги наведе и останатите членови на своето семејство и сите членови ќе добијат оброци, информираат од општината.

Подносителите треба да достават барање и соодветна документација, решение од Центар за социјални работи оние кои користат гарантирана помош и корисниците на социјална сигурност, документ од конзилијарно мислење од првостепена комисија од соодветна здравствена установа или решение за надоместок за попреченост од Центар за социјална работа и потврда од АВРСМ дека лицето е евидентирано како невработено.

Барањата можат да се подигнат во општинската зграда во поранешен „Козјак“ и на електронска адреса и треба да се достават до одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита.

- За сите подносители на барања кои ќе бидат опфатени со оваа мерка, ќе биде изготвено решение од страна на градоначалникот на Општина Куманово кое ќе биде истакнато на видно место во просториите на ЈУ-ОУД „Професор Мијалковиќ“, Куманово, како давател на услугата, велат од Општината.

Јавниот повик ќе трае тековната фискална 2025 година. Лани, мерката ја користеа над сто лица. Во работните денови има топол оброк, готвена храна, за време на викендите се делат пакети со храна.ам/бт/

Фото: МИА

 

Остани поврзан